Вкупната бројка на пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот кои се лекуваат во ковид-центрите достигна 1291, информираат од Министерството за здравство.
Оттаму посочуваат дека во ковид-центрите има околу 170 празни болнички кревети, а ако има потреба капацитетите ќе бидат проширени.
Во ковид-центрите во болниците во Скопје има 470 пациенти, а на инфективните одделенија во болниците низ земјава се лекуваат 821 пациент позитивен и сомнителен на коронавирусот.
Според извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 75 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19.
Во болницата во Штип се хоспитализирани 56 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 45 пациенти, во Велес се лекуваат 64 болни, а во Куманово 109 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 111 пациенти, во Прилеп 104, во ковид-центарот во Гостивар 45, а во Струга 32 болни. Во болницата во Струмица лежат 87 пациенти, во Кочани 26, во Кичево 18, Кавадарци 39, а во Гевгелија 10 лица позитивни на коронавирусот.
Од Министерството за здравство посочуваат дека во текот на денот се прават и исписи на оздравени пациенти, со што ќе се ослободат дополнителни легла.
И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство уверува дека е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид-одделенијата ќе бидат дополнително проширени.