Во времето кога работев во кабинетот на премиерот на С Македонија, за мене беше одлично искуство, бидејќи работев со многу други млади луѓе кои беа професионални и посветени. Секоја влада односно секоја институција треба да вработува млади луѓе затоа што имаат повеќе мотив и идеја дека ја градат својата иднина, вели Лура Положани, истражувач од Универзитетот во Грац, Австрија, која пред извесно време била дел од кабинетот на премиерот Зоран Заев.
Положани, во дебатата на „360 степени“ на тема политичкото учество на младите, рече дека искуството од работењето во С Македонија како дел од влаидниот кабинет било добро искуство за неа, но сепак, одлучила да се врати на доусовршување во Грац со цел да може да даде подобар придонес.
„Тоа што како млада бев дел од кабинетот на премиерот го сметав како предност. Но, сметам дека посензитивен беше фактот што сум млада жена и мислам дека овде треба да се направи важна дистинкција, затоа што често се очекува од младите жени да немаат доволно познавања или да бидат на пониски позиции. Често од луѓе од други институции ме нарекувале секретарка, можеби поради полот или возраста. Сметам дека тоа е проблем. Потоа следува фактот дека припаѓам на албанската заедница и верувам дека понекогаш има предрасуди особено во тоа ако си жена Албанка вработена во некоја институција, тогаш се смета дека тоа е заслуга на некоја одредена партија. Сметам дека ова е дополнителна прична зошто младите сакаат да се професионализираат и сакаат да знаат дека се во некоја група поради своите професионални заслуги, но и дека тие заслуги може да се надградат и да бидеш нешто повеќе“,
вели Положани.
Дискутирајќи за студијата за социо-политичкото учество на младите во Северна Македонија, изработена од Фондацијата „Вестминстер“, во соработка со Младинскиот образовен форум, која открива дека околу 60 отсто од младите во земјава би се иселиле ако им се укаже можност, Положани вели дека таа со радост би се вратила во земјава за да може да го даде својот придонес тука.