Припадници на МВР, кои одат во проверка на лицата кои се во самоизолација се пожалија и до нашата редакција дека тоа го прават без никаква заштитна опрема
Македонскиот полициски синдикат веќе неколку дена реагира дека на полицајците треба да им се обезбедат средства за заштита од коронавирусот, како што се маски, гумени ракавици и средства за дизинфекција.
Бараа од раководството во МВР да се обезбедат доволни количини, а во снабдувањето деновиве добија помош и од донатори.
Денеска, како што соопштија, на терен ја поделиле и првата пристигната помош.
Меѓу првите фирми донатори беше и штипската конфекција „Еам“ кои дале 100 килограми памучен материјал за изработка на маски, како и фирмата „Кули“ од Прилеп која бесплатно се понудила да ги сошие маските.
Припадници на МВР, кои одат во проверка на лицата кои се во самоизолација се пожалија и до нашата редакција дека тоа го прават без никаква заштитна опрема. Упативме прашање и до министерот за здравство, Венко Филипче, зошто полицијата оди на вакви задачи незаштитена, но на прес-конференцијата во 15 часот, нашето прашање не беше поставено. На истата прес-конференција, владиниот портпарол посочи дека прашања кои нема да бидат поставени во видео-преносот, ќе бидат одговорени електронски.
За заштита на полицајците, Македонскиот полициски синдикат на 19 март преку соопштение побара раководството на МВР да обезбеди средства.
„МВР во текот на вчерашниот ден соопшти дека вработените на терен имаат заштитни маски, гумени ракавици и средства за дезинфекција, но информациите од теренот кои ги добиваме од колегите кажуваат дека теренот ниту 40 проценти не е покриен со истите. Бараме раководството на МВР да биде посериозно и веднаш преку службите за општи и заеднички работи до сите вработени во МВР кои се се во директен контакт со странки, да достави заштитни маски и гумени ракавици чие носење ќе биде задолжително како и средства за дезинфекција“,
побараа од синдикатот.
Министерот Наќе Чулев, пак, според она што го кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Сител ТВ, барал Владата да обезбеди санитетски материјали, но му одговориле дека веќе му биле доделени 4 000 маски што не се доволни.