Киев воведе полициски час, со траење од 22 часот навечер до 7 часот наутро, соопшти градоначалникот на овој град, а пренесуваат тамошните медиуми.
„Ова е неопходен чекор. Во сегашните услови на воена агресија и вонредна состојба, ова е неопходно за безбедноста на жителите на главниот град. Јавниот превоз нема да функционира за време на полициски час. Во исто време, метро станиците ќе бидат деноноќно достапни како засолништа. Ги молиме сите жители на Киев да се вратат во своите домови на време“,
се наведува во соопштението од канцеларијата на градоначалникот на Киев.
Во соопштението се додава и дека сите оние кои ќе мора да го напуштат домот во овој период, непходно е со нив да носат документи за лична идентификација.
Од почетокот на руските напади на Украина, луѓето се кријат во метрото во Киев. Во главниот град на Украина е прогласена воздушна опасност. Луѓето се повикани да се кријат во засолништа.