Конечната цена е постигната на електронската аукција која се одржала вчера, а на која се натпреварувале три компании – „Јосифов“ од Битола (дилер на Шкода), „Екселиор Холдинг груп“ (увозник на Мазда) и „Еуроимпекс“ (увозник на Пежо и други брендови)
Пред електронската аукција најниската понуда изнесувала околу 3,77 милиони евра. Со наддавањето, вкупната цена се спуштила на околу 3,27 милиони евра, што значи за околу половина милион евра помалку
Министерството за внатрешни работи избра најповолна понуда за набавката на 120 возила за потребите на полицијата. Известувањето е објавено на интернет-страницата на Бирото за јавни набавки, но тоа треба да се официјализира со потпишување на договор. Изборот е направен по електронската аукција која се одржала вчера, а на која се натпреварувале три компании. За најдобра е избрана понудата на „Еуроимпекс“.
На прашања кои ги поставивме пред аукцијата, но на кои добивме одговор по наддавањето, од МВР не ни кажаа дека е извршен изборот. Но, не известија кои биле почетните понуди.
„За јавната набавката на 120 возила за потребите на МВР до крајниот рок за поднесување на понуди, доставени се понуди од тројца економски оператори со вредност од 232 740 000 денари (3,77 милиони евра н.з.) до 245 348 800 денари 3,97 милиони евра“,
ни одговорија од МВР на прашања поставени во четвртокот, но кои ни беа доставени во петокот по аукицијата.
Со е-аукција до 14% пониска цена
„360 степени“ дојде до дополнителни информации кои велат дека наддавањето било компетитивно и дека значително ги спуштило првичните цени. Во трката биле победничката „Еуроимпекс“ која настапила со моделот „пежо 408“, „Јосифов“ која настапила со моделот „шкода октавија“ и „Екселиор Холдинг груп“ со ,,мазда 3″. Победничката понуда, таа на „Еуроимпекс“, била околу 202 милиони денари. Во евра, тоа е околу 3,27 милони вкупно, или околу 27 250 евра по возило. За споредба, почетната понуда и за „пежо 408“ и за „шкода октавија“ била околу 31 500 по возило. Почетната цена за „мазда 3“ била околу 33 200 евра.

Конкуренцијата од три компани не е незначителна, но и не е особено голема имајќи го предвид бројот на увозници на возила кои се присутни на македонскиот пазар. Така е бидејќи во спецификацијата на возилата кои се бараа, поточно каросериската изведба, минималните димензии и моторизацијата, не се вклопуваат многу модели кои не се луксузни. Некои од условите беа: моторот да биде бензин или дизел со зафатнина од најмалку 1 500 кубни сантиметри и да има моќност од најмалку 110kW, да развиваат максимална брзина од најмалку 210 км/ч, возилото да е долго најмалку 4 600 мм, да биде во лимузинска изведба и друго. Тоа ги исклучи од трката денеска популарните СУВ и т.н. кросовер модели, како и хибридните и возилата со се поприсутните мотори со помала зафатнина.

Се обративме официјално до победникот „Еуроимпекс“, со барање за детали за карактеристиките на возилата и за коментар за тендерот. Ќе го објавиме штом го добиеме.
Од „втора мајка“
Изборот на најповолна понуда на тендерот за 120 коли на МВР не се случи од прва. Првиот тендер за истата намена пропадна, поточно беше поништен. Тогаш во трката влегоа само „Јосифов“ и „Еуроимпекс“. Како причина за поништување на таа постапка МВР наведе дека:
Тендерската документација содржи битни пропусти или недостатоци.
Изборот на „пежо“ за полициско возило претставува своевидна пресвртница кога е во прашање моторизацијата на македонската полиција. Речиси без исклучок, во последниве 15-тина години изборот беше „шкода“. Така беше и во времето на министерувањето на Гордана Јанкуловска, во владите на Никола Груевски, така беше и за време на министерувањето на Оливер Спасовски, во времето на владите на Зоран Заев и Димитар Ковачевски.
МВР во моментов има и друг активен тендер за набавка на возила. Станува збор за возила кои треба да се купат со чешка донација. Бројката е далеку помала, само четири коли, но според техничките спецификации тој тендер е наменет за една класа помали автомобили.