Кај трите лица од струмичкото село Баница биле пронајдени 25 кубици бесправно исечено огревно дрво, а биле пронајдени и одземени неколку моторни пили.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека вчера околу 14 часот на место викано „Варница“, во атар на село Варварица, струмичко, полициски службеници од Полициска станица Радовиш ги лишиле од слобода Д.С.(22), С.С.(43) и З.С.(43), сите од село Баница, струмичко.
Лицата биле затекнати како со повеќе запрежни возила превезуваат вкупно 25 метри кубни бесправно исечени дабови огревни дрва, а кај нив биле пронајдени и одземени и неколку моторни пили. Дрвата и запрежните возила се пренесени во склад на Јавното претпријатие „Национални шуми“ во Струмица. Трите лица се приведени и задржани во полициска станица Струмица, а во координација со Јавен обвинител по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена пријава поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „пустошење на шума“, по член 226 од Кривичниот законик.
