34-годишниот Бразилец признал дека добил 5 000 евра од македонски државјанин за да го изврши транспортот на кокаинот од Сао Паоло до Скопје
Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција синоќа на скопскиот аеродром уапсиле 34-годишен Бразилец оти кај него биле пронајдени два килограма кокаин наменети за македонскиот пазар. Дрогата била пронајдена во еден од куферите со кои тој допатувал во Скопје, а лицето признало дека било ангажирано од страна на македонски државјанин кој му исплатил 5 000 евра за да го изврши транспортот на дрогата од Сао Паоло до Скопје.
„При претрес на бразилскиот државјанин од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи и Полициската станица за граничен надзор ‘Меѓународен аеродром – Скопје’ во содејство со Царинска управа, при што е употребено и службено куче од мобилен тим од Царинската управа, во еден од двата куфера на Д. С. А. Д. биле пронајдени два килограма кокаин“,
велат од МВР.
Дополнително, врз основа на прибрани сознанија, бил извршен претрес во во семејна куќа во Охрид каде од слобода биле лишени двајца браќа, 36-годишниот Ќ. Н. и 28-годишниот Х. Н., за кои се претпоставува дека се инволвирани во транспортот на дрогата.
„Од страна на полициски службеници од ОВР Струга се извршени претреси на две локации, кај С. К. (36), за кого е распишан и распис за приведување. Од страна на СВР Скопје до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска ќе биде поднесена кривична пријава против четири лица инволвирани во организирањето и вршењето транспорт на два килограми кокаин“,
велат од МВР.