Полицијата го приведе лицето кое вечерва пукаше за време на инцидентите кај плоштадот Скендербег. Според МВР, станува збор за 40 годишниот Е.Ј од Скопје.
„Вечерва во 20.10 часот пред банка спроти споменот „Скендербег“, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Е.Ј.(40) од Скопје, кој претходно испукал со пиштол во воздух, додека група демонстранти, кои се движеле на потегот од Владата кон Министерството за надворешни работи, го нарушиле јавниот ред и мир со фрлање со камења кон група граѓани“
информира МВР.
Напаѓачот е приведен во полициска станица, а на местото се пронајдени чаури. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок, соопштуваат од МВР.
Од ДУИ и СДСМ обвинуваат дека станува збор за исценирани инциденти, бидејќи напаѓачот за кој Мицкоски тврди дека сакал да го убие, е активист на Алијанса за Албанците и дека ја поддржувал изборната кампања на локалните избори за ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски на Фејсбук вечерва објави фотографија на која се гледаат неколку лица, посочувајќи дека едниот од нив требало да го убие.
„Ова е човекот кој требаше да ме убие вечерва. Барам итно да биде приведен од Спасовски и МВР,“
напиша Мицкоски.
Протестот насловен како „Ултиматум – не благодарам“ вечерва започна од Владата, па преку МНР до Собранието. Додека демонстрантите поминуваа кај плоштадот Скендер бег дојде до судир со лица кај Старата Чаршија, летаа камења и други предмети, искршени се излози, поради што интервенираше и полицијата.