Полицискиот службеник е дел од седумтемина лица со кои вчера беше проширена истрагата за пожарот во Кочани

Полицискиот службеник што вчера не беше достапен за органите на прогонот, а кој е дел од седумтемина полицајци со кои беше проширена истрагата за пожарот во Кочани, денеска сам се пријавил во Обвинителството.
Како што информираат од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), полицискиот службеник денеска е пред судија на претходна постапка.
Вчера, Основниот кривичен суд Скопје им определи мерки на претпазливост на шестемина полициски службеници за кои ОЈО ГОКК претходно ја побара оваа мерка во рамки на проширената истрага за пожарот во Кочани.
Мерките на претпазливост вклучуваат одземање патна исправа, забрана за напуштање на живеалиштето, јавување во суд, забрана за контакти со други обвинети/осомничени и забрана за преземање одредени работни активности.
Покрај за овие полициски службеници, ОЈО ГОКК побара мерки на претпазливост да му бидат определени и на полицискиот службеник што вчера беше недостапен.