Преку изборот на следниот еврокомесар, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис сигнализира промена кон десно, пишува „Политико“ алудирајќи на номинацијата за член на Европската комисија на гувернерот на регионот Централна Македонија, Апостолот Цицикостас, кој се смета за политичар со цврста десничарска идеологија, а беше предводник и на протести против Договорот од Преспа
Одлуката на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис да го номинира 45-годишниот политичар Апостолос Цицикостас за еврокомесар сигнализира дека тој прави свртување кон десно, пишува весникот „Политико“. Цицикостас, кој е актуелен гувернер на регионот Централна Македонија, се смета за политичар со цврста десничарска идеологија, особено кога станува збор за внатрешната политика на земјата, вклучувајќи го и долготрајниот спор за името на Грција со Северна Македонија.
Цицикостас е политичар кој со години се противеше на меѓународниот договор меѓу Грција и Северна Македонија со кој се реши спорот со името на земјата. Тој водеше собири против Преспанскиот договор организирајќи онлајн-кампања насловена „Почитување на вистината“ која повикуваше на референдум за одлуката на тогашната левичарска влада на СИРИЗА. Иако со текот на годините ставот на Цицикостас омекна и тој сега вели дека неговиот став е на линија со грчката влада и дека договорот од Преспа има многу проблематични точки, но е обврзувачки за двете земји, токму поради неговите поранешни ставови е непознато како тој ќе одговори на одредени прашања за спорот со името на сослушувањето во Европскиот парламент есенва, имајќи предвид дека во Северна Македонија има нова влада која повторно ги поттикна тензиите во врска со името, пишува „Политико“.
„Дефинитивно, постои промена кон десно и ова е симболичен потег на Мицотакис за да покаже дека ја зајакнува десницата и дека таа се враќа во базата на неговата партија“,
вели Јоргос Сиакас, доцент на Универзитетот „Демокрит“ од Тракија.
„Политико“ пишува и дека Цицикостас неколкупати е обвинуван дека е близок со крајната десница. Во 2013 г. тој ја поканил сега веќе непостоечката неонацистичка партија Златна зора на парада во Солун, нешто што наишло на протести од страна на тогашниот градоначалник на градот Јанис Бутарис, додека пак во 2016 година, во екот на мигрантската криза во Европа, тој се противел на потпишувањето на договор за соработка помеѓу Солун и УНХЦР за подобрување на условите за барателите на азил, по што е обвинет од политичките конкуренти за ксенофобија.
Ваквиот потег на Мицотакис, според „Политико“, се должи на слабиот настап на неговата партија Нова демократија на европските избори во јуни годинава. На овој начин, тој се обидува да ги смири поконзервативните гласачи со реконструкција на кабинетот на владата поставувајќи политичари кои се десно ориентирани.
„Мицотакис се обидува да купи време и да покаже дека создава нова внатрешна рамнотежа. Тоа е повеќе комуникациска манипулација отколку нова политичка насока“,
вели политичкиот аналитичар Лефтерис Кусулис.
Еден од примерите дека Мицотакис се одлучува за поконзервативни политики е тоа што во јули, Владата ја повлече кандидатурата на професорката по право Катерина Фунтедаки за позицијата директорка на државното тело кое ги следи услугите за инвитро-оплодување откако стана јасно дека одредени пратеници на Нова демократија ќе гласаат против нејзиниот избор. Нападите кон неа беа поради тоа што таа била еден од изготвувачите на законското решение за признавање на истополови бракови во Грција.