Петков признава дека тоа може да ја урне владата на Ковачевски, но вели да е на негово место нема да размислува два пати за да го прифати предлогот. Тој признава дека ризикот е многу голем, но и нагласува дека добро достигнување за еден премиер да влезе во историјата со тоа што ја отворил вратата на ЕУ за својата држава

Бугарскиот премиер во заминување, Кирил Петков, денеска го повика својот колега од Северна Македонија, Димитар Ковачевски, да биде храбар и да го прифати компромисот предложен од Франција кој ќе ја отвори вратата за Скопје да ги започне формалните преговори за членство во ЕУ, пишува „Политико“.
Меѓутоа, Петков признава дека тоа може да ја урне владата на Ковачевски, истото што го доживеа и тој во средата кога беше изгласана недоверба на неговата влада.
„На крајот на денот, знам дека политички е многу тешко“,
вели Петков во интервјуто за „Политико“ од Брисел.
Тој додава дека ризикот за Ковачевски од прифаќање на францускиот предлог е соборување на владата што, нагласува, е голем ризик.
„Секој политичар треба да одлучи, која е мојата цел на ова место? Дали мојата цел е да бидам стабилен таму? Или мојата цел е да ја водам нацијата, да направам чекор напред? Не е удобно да се оди во таа насока. И мислам дека ова е одлуката што сега треба да ја направи Димитар Ковачевски. Да бев на негово место, немаше да размислувам два пати. Ако може да влезе во историјата со отворање на вратата за Северна Македонија во ЕУ, мислам дека тоа е добро достигнување за еден премиер. Но, потребна е храброст“,
вели Петков.
На Петков, потсетува „Политико“, во петокот му беше изгласана недоверба откако неговите политички ривали го искористија контроверзниот спор со Северна Македонија за да ја соборат неговата владина коалиција. Петков рече дека во понеделник ќе си поднесе оставка и оти очекува Бугарија да оди на нови парламентарни избори.
Сега тој е во Брисел за да учествува на Самитот на Европскиот совет, каде Бугарија се соочува со остри критики за ветото за пристапните преговори на Северна Македонија – не само од Ковачевски и другите лидери од Западен Балкан, туку од некои од највлијателните шефови на држави и влади на ЕУ.
„Дали е фер во однос на Северна Македонија? Ќе кажам многу искрено: Не. Ова е и причина зошто ние колективно извршивме голем притисок врз Бугарија последните месеци“,
изјави францускиот претседател Емануел Макрон пред новинарите во четвртокот вечерта, потсетува „Политико“.
Макрон го пофали Петков велејќи дека „направил сè“, но сепак кажа и дека Северна Македонија е жртва на внатрешната политика на Бугарија.
„Тоа е резултат на политичката криза во Бугарија“,
рече Макрон.
Во интервјуто за „Политико“ направено утрово во Брисел, Петков вели дека францускиот предлог треба да се гледа како „европски договор“, а не како договор само помеѓу Бугарија и Северна Македонија. Бугарскиот премиер нагласува дека Бугарија е силен поддржувач на членството во ЕУ за државите од Западен Балкан, но вели и дека има сериозни прашања поврзани со правата на етничките Бугари во Северна Македонија и дека на тие граѓани им треба посилна заштита во Уставот на Северна Македонија.
„Ова сега не е Бугарија наспроти Северна Македонија. Ако се донесе оваа одлука, тоа треба да биде европски договор на маса со Северна Македонија“,
вели Петков.
Бугарскиот премиер во заминување, во интервјуто тврди и дека ја покажал потребната политичка храброст за да се бори против корупцијата и да се заложи за договор со Скопје.
Затоа, вели тој, е повеќе од среќен што ја платил цената поради политиката што ја водел.
„Само така се случува промената. Во спротивно, сте заглавени во сиромаштија“,
вели Петков.