Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во честитката порача дека пред општеството претстојат бројни предизвици и затоа е потребно граѓаните да бидат сплотени и обединети како заедница, општество и држава
Верниците од исламска вероисповед денска го празнуваат Рамазан Бајрам – еден од петте столбови на исламот и празник за духовно и телесно прочистување. По тој повод, политичките чинители во земјава упатија пораки со честитки за верниците.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова честитајќи го празникот напиша дека годинава во светиот месец Рамазан, на земјата ѝ се случи незапаметена трагедија која ја потресе заедницата и оти без разлика на верската, етничката или каква било друга припадност, сите се солидаризираме и заедно тагуваме. Таа се осврна и на геополитичките поместувања во светот и рече дека ние сме кревки и ранливи во многу општествени сегменти.
„Пред нас се бројни предизвици и непредвидливи собитија. Да бидеме сплотени и обединети како заедница, како општество и како држава. Заедно можеме да ги надминеме и пребродиме сите тешкотии и проблеми. Со чиста мисла и со отворено срце за сите наши сограѓани, да ја направиме татковината просперитетна и достоинствена земја на среќни граѓани“,
вели претседателката.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, напиша дека овој празник значи дека преку добри дела, заемно почитување, трпение и разбирање може да се победи лошото и оти преку соработка, соживот и толеранција, Македонија ќе продолжи да се афирмира како попросперитетна држава.
„Сите заедно мораме да го смениме системот кој предолго ги оставал граѓаните без правда, достоинство и еднакви можности. Таа одговорност ја носиме пред сите сегашни, но и пред идните поколенија, да изградиме општество на фер вредности, слободни луѓе и силни институции.Продолжуваме да ја градиме Македонија и заеднички да создаваме услови за сите“,
вели Мицкоски.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, напиша дека Рамазан нè учи дека постот е патот кон прочистување на душата и секој ден претставува можност за практикување на вредностите искреност, љубов и меѓусебна почит.
„Затоа, по завршувањето на месецот на Рамазан, да бидеме со чисто срце и поподготвени да им помогнеме на сите оние кои имаат потреба, како и да придонесеме кон зајакнување на заедницата, толеранцијата и општествената хармонија“,
напиша Гаши.
Честитка пристигна и од лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, кој кажа дека во духот на вредностите кои ги носи Рамазан Бајрам, со заедничка работа, можат да се надминат сите предизвици и да се гради подобра иднина за државата и граѓаните.
„Северна Македонија е пример за заедништво, заеднички живот и почитување на различностите, и токму тоа ја прави посилна и побогата. Затоа, овој празник нека ни биде потсетник дека со почит, заемна помош и поддршка, можеме да изградиме поправедно и еднакво општество за сите“,
вели Филипче.