Премиерот Димитар Ковачевски ќе присуствува на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление- Водици во Скопје, заедно со министeрот за внатрешни работи Оливер Спасовски
Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кога, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.
Честитки по повод големиот христијански празник упати претседателот на државата Стево Пендаровски.

„И годинава на големиот празник повторно ќе ја посведочиме светата тајна на крштевањето. На величествените собири покрај нашите води, како што се полни бреговите со верници така и нашите срца да бидат исполнети со вера, надеж и љубов. Нека Богојавление – Водици ни даде сила, смирение и добра мисла за да се соочиме со сите искушенија кои ни претстојат во годината која штотуку започна и заеднички да работиме на просперитетот на нашата татковина и благосостојбата на сите наши граѓани“,
порача Пендаровски.
Честитка до припадниците на православна вероисповед по повод големиот христијански празник Богојавление-Водици упати и претседателот на Собранието Талат Џафери.

„Нека водата која дава живот, која храни и негува, расте и развива, протече лесно и брзо. Нека биде бистра и моќна. Нека биде силата која ќе не обедини како граѓани, како соседи, пријатели и соработници. Да бидеме заедно и едногласни, придонесувајќи за целта која ја посакуваме и заслужуваме – Република Северна Македонија, напредна, успешна и полноправна членка на европското семејство на народи. Нека овој празник ги растера темните и неизвесни облаци, нека ги облагороди мислите и поттикне солидарност, сочувство и искреност во секој од нас. Мудро, зрело и одговорно да ги надминеме предизвиците што ги носи иднината за да обезбедиме мир, напредок и благосостојба за граѓаните и за Република Северна Македонија“,
се вели во честитката од претседателот на Собранието.
Празникот го честитка и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој порача дека „со добри дела и со силна волја можеме да ја вратиме надежта за посветла иднина и да градиме подобра Македонија за нас и за нашите идни поколенија“.

„Како народ денес сме соочени со мрачни и тешки премрежија кои ги рушат нашите традиционални вредности кои низ вековите не одржале. Но, тука се и човечките слабости на корупција и криминал, кои ги разјадуваат темелите на нашата држава, на нашиот заеднички дом. Овие проблеми, како никогаш до сега, се закануваат на нашиот опстој и затоа мораме да бидеме единствени и одлучни да им се спротивставиме. Тие се изворот на сиромаштијата, бесперспективноста и целосниот распад на системот во Македонија и потребна ќе ни биде голема мудрост, сплотеност и истрајност тоа зло да го победиме. Со добри дела и со силна волја можеме да ја вратиме надежта за посветла иднина и да градиме подобра Македонија за нас и за нашите идни поколенија. Тој пат ќе го одиме сите заедно во слога, меѓусебно разбирање и взаемна почит, без разлика на нашата верска, етничка или политичка припадност, затоа што тоа ние аманет од претходните и завет кој ќе го оставиме на идните генерации“,
вели Мицкоски во честитката.
Премиерот Димитар Ковачевски ќе присуствува на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление- Водици во Скопје, заедно со министeрот за внатрешни работи Оливер Спасовски.