„Новината е што овој пат им даваме можност на издавачките куќи да учествуваат со веќе подготвени учебници кои потоа во процедура на избор, одобрување од Бирото, рецензија од Националната комисија би биле избрани и обврската за печатење се префрла на издавачките куќи кои со договор ќе бидат обврзани да ги достават учебниците до 1 септември“, изјави денеска министерката Јаневска
Изработка на учебници со поквалитетна содржина, намалување на веројатноста за појава на грешки и поедноставена постапка за нивна набавка, за навреме да можат да бидат испорачани во училиштата. Ова се подобрувања што треба да ги донесе новиот предлог-закон за учебници во основното и средното образование, кој, како што соопштија од Министерството за образование и наука, од вчера е поставен на владиниот Електронски национален регистар на прописи (ЕНЕР).

Во наредниот период, додека е на ЕНЕР, сите заинтересирани граѓани со сугестии ќе можат да дадат свој придонес за усвојување на најдобрата верзија на законот која потоа ќе биде проследена во собраниска процедура, велат од Министерството. Новото законско решение треба да го замени актуелниот Закон за учебници во основното и средното образование кој е во сила од 2008 година.
Во предлог-законот се интегрирани сугестиите на издавачките куќи во Македонија со чии претставници раководството на МОН и на Педагошката служба имаа конструктивна работна средба, се вели во соопштението на МОН.
Ресорната министерка Весна Јаневска денеска во изјава за медиумите рече дека предлог-законот ќе биде отворен за сугестии 20 дена, колку што треба да стојат нацрт-законските решенија и прописи на овој систем. Новината, како што рече таа се однесува на издавачките куќи, кои според предложениот закон ќе можат да учествуваат во постапките за набавка со веќе подготвени учебници, а на нив паѓа и обврската за нивно печатење.
„Новината е што овој пат им даваме можност на издавачките куќи да учествуваат со веќе подготвени учебници кои потоа во процедура на избор, одобрување од Бирото, рецензија од Националната комисија би биле избрани и обврската за печатење се префрла на издавачките куќи кои со договор ќе бидат обврзани да ги достават учебниците до 1 септември“,
рече Јаневска одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на завршната конференција на ИПА-проектот „Подобрување на квалитетот на образованието“.
Постапките за набавка на учебници кои се почнати досега ќе продолжат да се спроведуваат по актуелниот закон, бидејќи, како што кажа Јаневска, МОН има обврска да ги заврши.
„Во првата година ќе видиме дали повеќето од постапките ќе можат да се префрлат на издавачките куќи, а очекуваме да добиеме подобар квалитет на учебници и поголема ефикасност за да не се доведеме во ситуација на 1 септември да немаме учебници“,
рече министерката во врска со новиот предлог-закон.

Прашана во врска со тврдењата на општинските власти во Тетово дека во тамошните училишта недостигаат 20 000 учебници, а дел од оние кои се доставени се оштетени, поради што децата мора да се служат со фотокопии, Јаневска одговори дека станува збор за едно големо недоразбирање, бидејќи Министерството за образование не може да знае колку учебници им требаат на училиштата доколку тие тоа не го пријават.
Според неа, недостигот на учебници што се споменува не соодветствува на реалноста.
„Постои електронски систем кој на крајот на годината се вклучува, ние им праќаме допис, ги информираме училиштата дека го вклучуваме електронскиот систем за тие да пријават зголемен број на ученици или потреба од дополнување на оштетени учебници. Ако училиштата не ги пријават оштетените учебници ние не можеме да знаеме дека имаат потреба, иако Министерството оваа година даде релативно низок процент заради законските одредби, но дополнителен процент на учебници кои беа распределени по училиштата. Меѓутоа, ако добро ги следите изјавите на вработените во општината претпоставувам одговорни за образование тие самите велат дека ги штеделе родителите. Законот предвидува дека ако учебникот е оштетен родителот треба да исплати сума за обнова за учебник од 10 до 70 проценти во зависност од оштетувањето. Тие ги штеделе родителите од за мене непознати причини, тие треба да си кажат зошто, и не ги пријавувале оштетените учебници. Но, анализата на Министерството за образование вели дека недостатокот на учебници кој тие го споменуваат навистина не е соодветен на реалноста“,
изјави министерката за образование и наука Јаневска.
