Според новото, или ревидирано обвинение, поднесено од специјалниот обвинител на Министерството за правда Џек Смит, Трамп се товари за заговор против САД, заговор за попречување на службената постапка, обид за попречување на службената постапка и заговор за кршење на законот
Американските обвинители поднесоа нови обвиненија против поранешниот претседател Доналд Трамп поради неговите наводни обиди да се меша во изборите во 2020 година. Всушност, се работи за ревидирано обвинение кое претходно беше отфрлено, односно за одговор на минатомесечната одлука на Врховниот суд на САД според која претседателите се заштитени со имунитет и не можат да бидат кривично гонети додека се на функција.
Ревидираното обвинение ги содржи истите четири кривични точки против Трамп, но тие сега се однесуваат на неговиот статус како политички кандидат, а не на претседател. Трамп ги отфрли обвинувањата за мешање во изборите, иако остана на своето тврдење дека имало фалсификат на изборите во 2020 година, пишува Би-би-си.
Така, американскиот милијардер повторно беше обвинет за „заговор против американските институции“ и „напаѓање на правото на гласачите“ за притисок врз локалните власти на неколку сојузни држави да ги поништат официјалните резултати од изборите на кои победи демократскиот кандидат Џо Бајден.
Трамп: Го рестартираа неуспешниот лов на вештерки
Според новото, или ревидирано обвинение, поднесено од специјалниот обвинител на Министерството за правда, Џек Смит, Трамп се товари за заговор против САД, заговор за попречување на службената постапка, обид за попречување на службената постапка и заговор за кршење на законот. Трамп на својата социјална мрежа Вистина рече дека новото обвинение е рестартирање на неуспешниот лов на вештерки.
„Нелегитимно назначениот, пореметен ‘специјален обвинител’ Џек Смит поднесе ново, смешно обвинение против мене кое ги содржи истите прашања како и претходното и треба веднаш да биде отфрлено“,
напиша Трамп на социјалната мрежа.
Во новиот документ, кој е намален од 45 на 36 страници, обвинителите ги променија термините на обвинението за да се усогласат со одлуката на Врховниот суд за претседателскиот имунитет. Во обвинението се наведува дека Трамп се однесувал како граѓанин, а не како претседател, кога се обидел да влијае на изборите.