Националниот координатор на Независниот синдикат на здравствените работници при Конфедерација на синдикалните организации на Македонија (КСОМ), Боби Бојчевски на денешната прес-конференцијата посочи дека се во контакт со останатите синдикати од здравството за организирање протест и доколку по 20 септември нема одговор на нивните барања, ќе излезат на улица
Независниот синдикат на здравствените работници денеска на прес-конференција излезе со повеќе барања до надлежните власти, меѓу кои и покачување на платата на здравствените работници за 30 проценти. Доколку нивните барања не наидат на слух, од синдикатот најавија дека единственото што им преостанува се протести.

Покрај покачување на платата, тие бараат и нов колективен договор, бенифициран стаж на вработените во Итна медицинска помош, рендген и психијатриските болници, додатокот за инфекција да се зголеми на четири проценти и итна трансформација на договорите од определено, на неопределено време, пренесува МИА.
Националниот координатор на Независниот синдикат на здравствените работници при Конфедерација на синдикалните организации на Македонија (КСОМ), Боби Бојчевски, на прес-конференцијата посочи дека се во контакт со останатите синдикати од здравството за организирање протест и доколку по 20 септември нема одговор на нивните барања, ќе излезат на улица.
„Здравствените работници се донесени на маргините на живеење и едноставно се дискриминирани. Здравството е дојдено на последната скалила на живеење. Затоа ќе повикаме сите заедно, сите сплотено да излеземе да си ги побараме правата за нормален живот во оваа држава. Повторно ќе пратиме известување до министерство и влада, ако нема одговор, не останува ништо друго, туку на улица“,
изјави Бојчевски.
Како што истакна Бојчевски, просечната плата на околи 25 илјади здравствени работници во земјава е под просечната во државата. Просечната плата на здравствените работници, посочи тој, е 20 700 денари, на докторите е од 32 до 35 илјади денари, а на специјалистите се движи до максимум 45 000 денари.
„’Белите мантили’ се со крај на трпение. ‘Белите мантили’ излегуваат на улица’,
рече Бојчевски, пренесува државната новинска агенција.
Според него, полош колективен договор од актулениот во здравството нема.
Прашан од новинарите дали Синдикатото ги поддржува протестите во врска со случувањата на Клиниката за онкологија во Скопје каде што, според пишувањата на одредени медиуми, се краделе терапии за болни од рак и се продавале на црниот пазар, а на дел од пациентите наместо вистински лекови им се давал и физиолошки раствор, Бојчевски рече тие како Независен синдикат ги поддржуваат протестите, нагласувајќи дека и тој лично и други биле на протестот што се одржа во понеделникот.
„Утрешниот протест, исто така, го поддржуваме. Не може еден здравствен профитер, тие 10, 20, 30 луѓе да ги црнат другите 25 илјади вработени во здравствениот систем. Ние го осудуваме случајот, ги поддржуваме протестите и лично ќе бидеме присутни“,
изјави Бојчевски.
Што се однесува до нивните барања, Независниот синдикт на здравствените работници и Независниот синдикат на геријатрија на почетокот на август одржаа состанок во Министерството за инфроматичко општество и админстрација, на кој, како што соопштија тогаш, од двете страни било констатирано дека постојат голем број аномалии во колективните договори на здравствените работници.
Бојчевски и претседателот на Независниот синдикат на геријатрија и тогаш најавија дека ако ресорните министерства немаат слух за нивните барања, нè очекува „жешка есен“ со протести на здравствените работници.
