Голем број свештени лица и верници денеска ги пречекаа посмртните останки на владиката Тимотеј во Светиклиментовиот храм на Плаошник
Погребот на владиката Тимотеј, кој почина вчера, ќе биде извршен в четврток на 28 ноември во Плаошкиот манастир во Охрид, во епархијата со која раководеше повеќе од 40 години, соопшти Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).

Телото на митрополитот Тимотеј ќе почива во епархијата со која раководеше во кругот на Светиклиментовиот храм на Плаошник.
„Синодот определи заупокоената света литургија и опелото да бидат извршени в четврток со почеток во 9 часот во црквата ‘Света Софија‘ во Охрид. Литургијата ќе ја предводи архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан, во сослужение со надлежните епархиски архиереи на МПЦ-ОА, како и со претставници од другите помесни православни цркви“,
се вели во соопштението на Синодот на МПЦ-ОА.
Погребот ќе биде извршен до јужната апсида на Плаошкиот манастир во Охрид.
Голем број свештени лица и верници денеска ги пречекаа посмртните останки на владиката Тимотеј во Светиклиментовиот храм на Плаошник.
Неговото тело ќе биде изложено во црквата во Плаошник сè до денешната вечерна богослужба.
Епископот антаниски г. Партениј, кој служеше на денешната литургија, посочи дека г. Тимотеј беше столб на МПЦ-ОА, а дека неговите дела ќе останат врежани во историјата на црквата.
Дебарско-кичевскиот митрополит, воедно и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, г. Тимотеј, почина вчера на 73-годишна возраст во болница, каде изминатите денови престојуваше поради проблеми со срцето.