„На погребот ќе присуствува поглаварот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, а со него на опелата ќе сослужуваат и повеќе владици“, рече денеска директорот на ЦУК, Стојанче Анѓелов
Погребите на загинатите лица во пожарот во дискотеката во Кочани ќе се одржат в четврток на 20 март, соопшти денеска Стојанче Анѓелов, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Тој денеска беше во посета на владиката Иларион, надлежен за брегалничката епархија, чии верници се најголем дел од загинатите во пожарот.

„На погребот ќе присуствува поглаварот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, а со него на опелата ќе сослужуваат и повеќе владици. Црквата прави се за овие чеда да бидат испратени на најдостоинствен начин“,
рече Анѓелов.
Точното време на погребите, како што додаде, ќе биде дополнително соопштено.
„Погреби ќе има на повеќе места, како Скопје, Кочани, Штип, Чешиново-Облешево, Македонска Каменица, па затоа точното време ќе биде утврдено дополнително од страна на МПЦ-ОА. Владиката Иларион сака да присуствува на повеќе места, зашто се работи за голем број чеда од неговата епархија“,
кажа тој.
Владиката Иларион ги повика граѓаните во овие тажни мигови на донстоинствен начин да ги испратат починатите во нивните вечни почивалишта.
„Ги замолувам сите луѓе да бидат кротки и да не ги вознемируваме, ниту упокоените, ниту повредените, туку со молитва и со трпение, починатите да ги испратиме во вечноста, а за повредените да се молиме што побрзо да се излекуваат“,
рече г. Иларион.
Инаку, кочанските гробишта се прошируваат поради големиот број починати во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Британската новинска агенција Ројтерс објави видеоснимка на која од птичја перспектива се гледа откопувањето на гробните места каде што ќе бидат погребани жртвите од пожарот во Кочани.
Од Општина Кочани информираа дека по одржаниот колегиум утринава е упатена препорака до кочанското јавно претпријатие „Водовод“ за проширување на парцелите на градските гробишта и определување посебно место за починатите во пожарот. Дополнително, донесена е и одлука за бесплатно доделување парцели за починатите и за погребните услуги кои се во надлежност на кочанското претпријатие „Водовод“.
Во пожарот што ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани ноќта помеѓу 15 и 16 март загинаа 59 млади лица, главно на возраст од 14 до 25 години, а над 150 други се повредени.