Министерот ги повика граѓаните кои треба да вадат само лична карта, но и оние што веќе имаат закажано термин за фотографирање заклучно со декември, да не се јавуваат на телефонскиот број за да тој не се оптеретува, затоа што како што рече приемот на повици вчера достигнал до 500 телефонски јавувања во секунда
Според Тошковски, со пратката која се очекува до крајот на овој месец, ќе се комплетираат 250 илјади обрасци, а наредната пратка, рече дека ќе биде кон крајот на јуни или почетокот на јули

До крајот на овој месец се очекува да стигне поголема пратка на обрасци за пасоши, најави министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски.
Онаа количина на обрасци за псоши, со која сега располага Министерството за внатрешни работи, како што рече Тошковски е доволна за да се задоволи издавањето само на мал дел од барањата кои се поднесени со итна постапка.
„Нема доволно обврсци во моментот за задоволување на потребите на граѓаните. Од она што го имаме може да задоволиме само мал дел од итните постапки. Обрасци нема затоа што наместо планирањето да биде на вкупен број на државјани кои имаат право на македонски пасош, планирањето било на вкупен број на присутни граѓани во земјата. Сега одиме со процес на молење на добавувачот да ни достави колку може порано“,
рече Тошковски во вечерашното гостување во емисијата „10 минути“ на ТВ 21.
Според Тошковски, со пратката која се очекува до крајот на овој месец, ќе се комплетираат 250 илјади обрасци, а наредната пратка, рече дека ќе биде кон крајот на јуни или почетокот на јули.
Во однос на хаосот кој што владее со телефонското закажување на термин за фотографирање и реакциите на граѓаните, Тошковски упати неколку пораки со кои, како што рече, ќе може граѓаните самите да си помогнат.
Образложувајќи дека личните карти важат согласно датумот којшто е втиснат на нив без разлика дали истите го имаат новото или старото име, Тошковски рече дека тоа би значело дека секој еден пензионер ќе може да си извади пензија со важечка лична карта, а и секој што треба да се идентификува во некоја инстутуција ќе може да го направи тоа со личната карта што ја има.
Министерот, исто така, рече дека за сите права кои се поврзани со денот на гласање, граѓаните ќе може да се обратат на избирачкото место на кое гласаат и да го остварат своето право без разлика дали личната карта е се старото или новото име.
„Пораката е следната: ве молиме за да не го оптеретуваме системот за приемот на повици, кој вчера достигнал до 500 телефонски јавувања во секунда. 500 луѓе ѕвонеле во една секунда за да закажат за фотографирање за лични документи. Затоа ве молам доколку треба само личната карта да ја менувате, во овој кризен период, да не ѕвоните“,
апелираше Тошковски.
Друга категорија граѓани на кои им се обрати Тошковски се оние кои веќе имаат закажано термин со телефонско јавување, заклучно со декември.
„Секој од овие граѓани треба да знае дека ќе биде повикан од страна на нашите служби. Оние што имаа закажано термини за почетокот на мај веќе се повикани и фотографирани. Нема потреба повторно да се јавуваат и да закажуваат термин. Терминот што ќе го добијат доколку им се јават нашите службеници секако ќе биде порано отколку оној што ќе го добијат доколку повторно вртат на телефонскиот број“,
додаде Тошковски.
Според претпоставките, како што рече тој, со зголемениот капацитет во наредните два месеци ќе бидат решени сите оние граѓани што имаат закажано термин заклучно со декември.
Прашан дали по 12 февруари граѓаните ќе можат да излезат од државата со сообраќајни и возачки дозволи и лични карти што го немаат новото име на државата, Тошковски рече дека патна исправа, лична карта, возачка дозвола согласно меѓународно право, може да поништи само оној што го има издадено тој документ.
„Само ние и никој друг може да ја отповика важноста на нашите исправи. Ова не го кажувам случајно, ќе видите наредната недела зошто го говорам“,
рече Тошковски.
Тој додаде дека поддржува рефундација на средства за сите оние граѓани кои извадиле лични документи кои им биле важечки и тоа, како што рече, со камата.