Според Bританската служба за поморски трговски операции (УКМТО) и безбедносната фирма „Амбри“, во нападот нема повредени членови на екипажот на бродот и тој успеал да го продолжи своето патување
Товарен брод е оштетен во ракетен напад во Црвеното Море во близина на брегот на Јемен, соопштија денеска поморски безбедносни набљудувачи, пренесува новинската агенција Франс прес. Инцидентот доаѓа по серијата напади на јеменските бунтовници хути, но засега никој од религиозната милитантна група не ја презел одговорноста за последниот напад.

Според Британската служба за поморски трговски операции (УКМТО) и безбедносната фирма „Амбри“, во нападот нема повредени членови на екипажот на бродот и тој успеал да го продолжи своето патување.
„Товарниот брод пријави дека бил погоден од проектил и дека бродот претрпел одредена штета“,
се наведува во соопштението на УКМТО.
UKMTO WARNING INCIDENT 052-ATTACK UPDATE 001https://t.co/fX3hWupi7g#Maritimesecurity #MarSec pic.twitter.com/HoGO3fmxTE
— United Kingdom Maritime Trade Operations (UKMTO) (@UK_MTO) March 15, 2024
Во изминатите четири месеци хутите, кои ја имаат поддршката на Иран и држат под контрола голем дел од територијата на Јемен, извршија десетици напади врз бродови во Црвеното Море кое е од витално значење во меѓународниот поморски транспорт на стоки.
Јеменските бунтовници тврдат дека дејствуваат како дел од „оската на отпор“ на иранските сојузници и напаѓаат бродови во знак на протест поради израелската војна против Хамас во Појасот Газа.
Нападите на хутите, во кои имаше и загинати, а беше потопен и брод што превезуваше илјадници тони ѓубриво, беа причина за повеќе одмазнички одговори на американските и британските сили.
Водачот на милитантната религиозна група, Абдул Малик ал-Хути, вчера изјави дека нивните операции ќе ескалираат за да се спречи бродови поврзани со Израел да минуваат низ Индискиот Океан кон ’ртот Добра Надеж.
Американската војска вчера соопшти дека хутите истрелале две противбродски балистички ранети од Јемен кон Аденскиот Залив и два проектили кон Црвеното Море, но според извештајот што го пренесува „Гардијан“, не се пријавени повредени или оштетувања на бродови на САД или на коалицијата.
Централната команда на американската војска соопшти дека уништила девет противбродски ракети и две беспилотни летала во областите во Јемен контролирани од хутите.
Во меѓувреме специјалниот претставник на Обединетите нации (ОН) за Јемен, Ханс Грундберг, пред Советот за безбедност на светската организација рече дека колку подолго трае војната во Газа и хутите продолжуваат да напаѓаат бродови во Црвеното Море, толку е поголем ризикот Јемен повторно да биде втурнат во војна.
Тој посочи дека е невозможно да се одржат неговите напори за враќање на мирот во Јемен бидејќи реалноста е она што се случува во регионот влијае на Јемен и она што се случува во оваа земја може да влијае на регионот.
