Архиепископот Стефан рече дека денешниот собир е пример дека во црквата нема разлика меѓу народните, а пораки за мир и единство испрати и српскиот патријарх Порфириј
Поглаварите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и на Српската православна црква (СПЦ), Стефан и Порфириј, денеска во чест на празникот Свети Јоаким Осоговски кај Крива Паланка служеа заедничка литургија.
Со нив сослужуваа и свештеници од Бугарската и Романската православна црква, за што архиепископот Стефан порача дека ова е пример дека во црквата нема разлика.
„Денешниот собир е пример дека во црквата нема разлика меѓу народите зашто ист е Господ над сите, а покрај нас, домаќините сослужуваа свештеници до три помесни цркви, а голема чест ни е што служуваше неговата светост, г.г. Порфириј. Освен архиереите ни сослужува и свештенослужителот од Романската православна црква, а празничната радост ја сподели и г.Јаков митрополит од сестринската Бугарска црква. Сите ние возљубени заедно со вас му благодариме на Бога да бидеме христови по име, мисла и дела, обидувајќи се да растеме во богољубието и човекољубието, редовно учествувајќи во верскиот живот на црквата“,
рече архиепископот Стефан.
Пораки за мир и единство испрати и српскиот поглавар. Оној што се противи на заедништвото и единството, рече Порфириј, се победува со молитва и пост.
„Тоа треба не само да го знаеме, туку и да го применуваме во животот. За тоа подобро место нема отколку ова свето место кај свети Јоаким Осоговски каде со векови се упатуваат молитви. Молитвите кон Христа се најсилното оружје кое нè спојува со Бог, кое милува и ги милува и другите кои ни се противат, оние кои се сметаат за наши непријатели, бидејќи ние сите сме соединети во Христовата љубов и сме сите пријатели“,
порача српскиот патријарх.
Заедничката литургија во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ беше посетена од голем број верници кои секоја година се собираат на денешен ден за да го одбележат празникот.