Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал поднесе обвинение против управниот судија Мустафа Шахини. Како што соопштија од институцијата, тие го товарат за злоупотреба на службената положба, поради серија незаконски дејствија кои ги презел како судија во врска со еден предмет.

Предметот за кој станува збор Шахини го застапувал како адвокат уште во 2007 година. Негови роднини воделе оставинска постапка за градежно неизградено земјиште во Струга, со површина од 1.958 м2. Во тоа време, како адвокат, Шахини повел постапка пред Комисијата за одлучување по барања за денационализација, иако за тоа земјиште веќе бил исплатен надомест.
„Во меѓувреме, обвинетиот бил избран за судија во Управниот суд каде што била поднесена Тужба по основ на молчење на администрацијата против Комисијата за одлучување по барањата за денационализација во врска со предметот за денационализација, а по кој обвинетиот постапувал претходно како адвокат. Управниот суд оформил предмет кој бил доделен во работа на обвинетиот. Во временскиот период од 10.9.2018 година до 24.1.2019 година, обвинетиот, како службено лице судија, постапувајќи спротивно на законските одредби, го зел предметот во работа, иако знаел дека како поранешен застапник – адвокат на тужителите не смее да постапува и е должен да се изземе од постапувањето по однос на тужбата, но тој не ја прекинал работата врз предметот и не го известил претседателот на Управниот суд за околностите. Притоа, иако поднесената тужба била неуредна, обвинетиот не го повикал тужителот да ги отстрани недостатоците, ниту ја отфрлил тужбата, туку продолжил да постапува по неа“,
се вели во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Постапувајќи по предметот, Шахини пресудил земјиштето кое е во крајбрежен појас, односно плажа во Струга, да го врати во приватна сопственост на барателите, односно на неговите роднини кои ги порано ги застапувал како адвокат.
„Свесно и со намера да оневозможи заштита на имотните права и интереси на РСМ, обвинетиот не доставил примерок од пресудата до надлежното Државно правобранителство на РС Македонија, подрачје Струга, заради право на жалба. Како последица на тоа, надлежното Државно правобранителство на подрачје на Струга не поднело жалба, а обвинетиот со својот потпис овозможил Пресудата да стане правосилна и врз основа на неа барателите да се впишат како сопственици на вратената недвижност во јавните книги на недвижности во Агенцијата за катастар на недвижности“
соопштуваат од обвинителството.
Само десетина дена по правосилноста на пресудата, роднините на Шахини го продале земјиштето на познајник на судијата. Со дејствијата, велат од Обвинителството, направена е штета на Буџетот од околу 200.000 евра.
Истрагата против управниот судија Мустафа Шахини беше отворена во мај годинава. Набргу потоа беше суспендиран од Судскиот совет но беше одбиено барањето на обвинителството тој да оди во притвор. И покрај тоа, во септември судската власт одлучи да му го продолжи мандатот за две години, на негово барање. За својата одлука, Советот се повика на пресумпцијата на невиност и законската можност да се продолжи работниот однос за уште две години по исполнувањето на старосната граница за пензионирање.