Обвинителниот предлог е по иницијатива на Антикорупциската комисија која лани во февруари соопшти дека постојат сомневања дека директорот на Агенцијата за млади и спорт и членовите на Централната комисија за доделување на ваучерите во 2020, 2021 и 2022 година ја искористиле службената положба и спротивно на законите извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени
Републичкото Јавно обвинителство денеска соопшти дека по иницијатива на Антикорупциската комисија е поднесен обвинителен предлог против 12 лица за кои се бара да им бидат определени мерки на претпазливост.

Во информацијата, освен за кривичните дела за кои се товарат осомничените – злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење, Обвинителството не сподели повеќе детали.
Информацијата оттаму ја соопштија како одговор на новинарски прашања дали станува збор за случајот со распределбата на т.н. спортски ваучери во Агенцијата за млади и спорт (АМС) за кој пред повеќе од една година претходниот состав на Државната комисија за спречување на комисијата (ДКСК) покрена иницијатива за кривично гонење на актуелниот директор на АМС, Наумче Мојсовски, како и членовите на Централната комисија на Агенцијата за доделување на ваучерите.
„Постапувајќи по поднесената иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата, надлежниот јавен обвинител поднел обвинителен предлог против 12 лица за кривични дела – злоупотреба на службена положба и несовесно работење. За осомничените до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерки на претпазливост“,
информираа кратко од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Бидејќи станува збор за обвинителен предлог, Кривичниот суд не одлучува дали тој ќе биде прифатен или не, туку оди директно кај судија и процесот се води по скратена постапка.
Инаку, како што објави ТВ Телма, со обвинителниот предлог опфатени се директор на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, неговиот претходник на функцијата и пратеник во актуелниот состав на Собранието во заминување од редовите на СДСМ, Дарко Каевски. Двајцата, според информациите, се гонат за злоупотреба на службената положба и овластување. Меѓу обвинетите е и претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димовски, кој во времето за кое се однесува случајот бил на чело на Централната комисија на АМС за доделување на ваучерите. Тој и преостанатите девет лица опфатени со обвинителниот предлог се осомничени за кривично дело несовесно работење.

Иницијативата до Јавното обвинителство претходниот состав на Антикорупциската комисија ја поднесе на почетокот на февруари минатата година поради сомневања дека директорот на Агенцијата и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.
„Не почитувајќи ги критериумите за доделување средства по ваучер-системот, постојат сомнежи дека Централната комисија во континуитет од 2020 година досега врши незаконска распределба, односно доделување ваучери на повластени корисници, федерации и клубови, согласно интересот на поединци и групи, можеби и политички партии и ги ставиле во неповолна положба оние спортски субјекти кои не добиле соодветни средства, иако тоа право законски им припаѓало“,
рече тогашниот член на ДКСК, Владимир Георгиев.
Тогашната прва антикорупционерка Билјана Ивановска рече дека ДКСК не е против доделување средства на клубовите, туку нивно доделување според праведен систем и без фаворизирање.
По иницијативата на ДКСК имаше серија обвинувања меѓу Агенцијата за млади и спорт и Македонскиот олимписки комитет, а од Владата беше побарано да го разреши Мојсовски од функцијата.
Тој, пак, ги отфрли наводите од иницијативата на Антикорупциската комисија оценувајќи ги како тенденциозни и целосно неточни.
„Мојсовски: Целосно ги отфрлам наводите на ДКСК како неосновани, неточни и инспирирани од лукративни цели на сомнителни спортски институции“,
гласеше цитатот на почетокот на соопштението од АМС.

Оттаму тогаш особено се осврнаа на претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, кој сега е еден од обвинетите, за кого од Агенцијата за млади и спорт тогаш рекоа дека во јавно обраќање, истиот ден кога била седницата на ДКСК, изнел грст лаги и невистини.
„Тука пред сè укажуваме на јавното обраќање, исполнето со грст невистини од страна на претседателот на МОК, г. Даниел Димевски, кој ‘случајно’ коинцидира со денот на одржување на седницата на ДКСК. Имено, господинот Димевски јавно побара разрешување во АМС и итно замрзнување на постапката за доделување на спортски ваучери. Притоа ова е побарано од човекот кој е идејниот творец и креатор на системот на спортски ваучери, човекот кој во 2020 година кумулира две функции – претседател на Централната комисија за доделување спортски ваучери, член на Управниот одбор на МОК, а подоцна и негов претседател, и во исто време човек кој истата таа 2020 година побарува износ од 15 милиони денари за МОК, иако требало како претседател да биде свесен дека таа институција во тој момент не ги исполнува законските услови за регулирана спортска дејност“,
беше наведено во соопштението на АМС од 6 февруари 2023 година.