Обвинителниот предлог опфаќа повеќе аспекти, а еден од нив се однесува на тоа што клубот бил отворен во т.н. Еврејско Маало во Битола, со што Обвинителството сметаат дека се повредени чувствата на Евреите. Симптоматичен е и денот на отворање – ден Шабат и прв ден Песах, што е еден од најголемите еврејски празници. Понатаму, обвинението опфаќа и тоа што битолчанецот дозволил на влезот на здружението да има цитат од Иван Михајлов со кој се негира македонската нација, како и тоа што низ низа објави на Фејсбук биле негирани посебноста на македонскиот народ и јазик
Битолското Основно јавно обвинителство (ОЈО) поднесе обвинителен предлог за претставник на бугарското здружение Културен центар „Иван Михајлов“, кој се товари за две продолжени кривични дела – за предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз основа на национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа и за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.
Од Обвинителството не го наведоа името на обвинетиот ниту, пак, неговите иницијали, но посочија дека станува збор за 45-годишен битолчанец кој бил овластено лице на здружениот Културен клуб „Иван Михајлов“.
Обвинителниот предлог опфаќа повеќе аспекти, а еден од нив се однесува на тоа што клубот бил отворен во т.н. Еврејско Маало во Битола со што од Обвинителството сметаат дека се повредени чувствата на Евреите.
„Обвинетиот како овластено лице на Здружението Културен центар ‘Иван Михајлов‘, со намера да ги повреди чувствата на припадниците на еврејската заедница, го сместил просторот кој го користело здружението токму во т.н. Еврејско Маало во Битола, односно на истата улица во која се наоѓа и објектот познат како Пионерски дом, во кој пред Втората светска војна било сместено Здружението на Млади Евреи ’Хашомер Хацеир‘. Овој простор бил свечено отворен за користење за членовите на Здружението Културен центар ‘Иван Михајлов“ на 16.04.2022 година – ден Шабат и прв ден Песах – еден од најголемите еврејски празници“,
велат од ОЈО Битола.
Друг аспект на обвинението, пак, се однесува на македонската нација. Од Обвинителството посочуваат дека обвинетиот дозволил и на влезот во просториите на бугарскиот клуб да биде поставена табла со цитат од Иван Ванчо Михајлов со кој се негира посебноста на македонската нација. Од ОЈО Битола потсетуваат и дека промоција на животот, идеологијата, рехабилитирање и осветлување на ликот и делото на Иван Михајлов била и декларирана цел во Статутот на ова бугарско здружение.
Понатаму, обвинението се однесува и на низа објави на фејсбук-страницата на здружението преку кои, исто така, се негираат посебноста на македонскиот народ и јазик, но и историската улога на борците од народно-ослободителната антифашистичка војна 1941-1945 во создавањето на независната македонска држава.
„Со објавите се промовирале контроверзни ставови на Иван Михајлов и се поттикнувала омраза и дискриминација спрема наследниците, почитувачите и продолжувачите на делата на Сојузот на борците, како и спрема македонскиот народ и македонскиот јазик“,
велат од ОЈО Битола.
Според Обвинителството, 45-годишниот битолчанец делата што ги сторил во периодот од 16 април 2022 до 22 март 2023 година ги направил свесен дека на дискриминаторен начин ќе разгори омраза и нетрпеливост врз основа на етничка припадност, јазик, религија и општествен статус спрема македонскиот народ и спрема припадниците на еврејската заедница во земјава.