Во предметот е обвинет управител на друштво за градежништво, а опфатени се уште три лица – директор на владина служба, управител на правно лице задолжено за стручен надзор во проектот и главен надзорен инженер
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинение против едно и обвинителен предлог против три други лица вклучени во проектот за изведба на фасадата и осветлувањето на зградата на Владата.
Во предметот е обвинет управител на друштво за градежништво, трговија и услуги оти во периодот од февруари до април 2013 година злоупотребил постапка за јавна набавка, прибавувајќи имотна корист од 7,6 милиони евра.
Во функција на управител на друштвото за градежништво, како што информираат од Обвинителството, тој склучил договори за заеднички настап со три правни лица со цел искористување на ресурсите на членовите на групата при оценување на економско-финансиската состојба на понудувачот, иако немал намера да ги ангажира при реализацијата на договорот и реконструкција на фасадата и илуминација на објектот на Владата.
„Во понудата, и покрај тоа што бил должен согласно Законот за јавни набавки, доставил два подизведувачки договори со други две правни лица, но не и за останатите подизведувачи на кои имал намера да им отстапи дел од договорот за јавна набавка. По склучување на договорот за јавна набавка, обвинетиот не постапил по договорите за заеднички настап, според кои правните лица како членови на група економски оператори ставајќи ги на располагање своите техничко-технолошка опрема, кадар и финансиско-економски ресурси, требало да изведуваат дел од работите доколку бидат доделени на правното лице чиј управител е обвинетиот“,
додаваат од Обвинителството.
Во предметот се опфатени уште три лица – директор на владина служба, управител на правно лице задолжено за стручен надзор во проектот и главен надзорен инженер. Тие се обвинети дека во периодот од мај 2013 до октомври 2016 година ја злоупотребиле службената положба и овластување, бидејќи, поттикнати од првообвинетиот, со намера го оштетиле државниот буџет за 2,9 милиони евра.
Од Обвинителството појаснуваат дека подизведувачот на градежните работи не ја поседувал потребната лиценца, но, сепак, бил ангажиран во проектот. Притоа, не ги испочитувал одредбите од подизведувачкиот договор и извршил монтажа на декоративните фасадни елементи изработени од материјал што не соодветствувал на материјалот предвиден во основниот проект.
„Второобвинетиот, со умисла поттикнат од првообвинетиот, не ја извршил својата службена должност и при реализацијата на договорот не ставал забелешки во поглед на начинот на изведба на работите и употребениот материјал и покрај тоа што сертификатите и целокупната преписка помеѓу изведувачот на работите и носителите на стручниот надзор во поглед на материјалите и изведбата на декоративните фасадни елементи била доставувана до него. Со тоа дозволил декоративните фасадни елементи од материјал што ги нема потребните карактеристики да бидат вградени. Трето и четвртообвинетите како одговорни лица за реализација на договорот, со умисла поттикнати од првоосомничениот, не ги извршувале своите посебни овластувања и должности, не вршеле проверка на квалитетот на вградените материјали во градбата и не ставале забелешки во градежните дневници во однос на материјалот од кој биле изработени фасадните елементи со што му овозможиле на друштвото-изведувач, преку ангажираниот подизведувач, да изведе и да вгради елементи изработени од материјал што не ги поседувал потребните карактеристики и не бил еквивалентен на материјалот предвиден во основниот проект“,
појаснуваат од Обвинителството.