Согласно со Законот за јавните набавки се подготвуваат одговори на жалбите кои ќе бидат доставени до Државната комисија за жалби по јавни набавки во текот на оваа недела

Во постапката за јавна набавка за избор на надзор и правен консултант за изградба на Коридор 8 и Коридор 10, се поднесени две жалби, информираат од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Согласно со Законот за јавните набавки, во моментов, како што соопштуваат од ЈПДП, се подготвуваат одговори на жалбите кои ќе бидат доставени до Државната комисија за жалби по јавни набавки во текот на оваа недела.
„Откако Државната комисија за жалби по јавни набавки ќе донесе соодветни решенија за двете жалби, Јавното претпријатие за државни патишта ќе постапи согласно со наведеното во решението од Комисијата“,
велат од ЈПДП.
На 14 овој месец Јавното претпријатие за државни патишта информираше дека на тендерот за надзор и правен консултант за изградба на Коридор 8 и Коридор 10-д е избрана понудата на „IRD ENGINEERING“ во износ од 1 374 304 070 денари, со што почна да тече и рокот за жалби. На тендерот, што беше отворен од 15 септември до 17 октомври годинава, аплицираа и INGEROP CONSEIL ET INGENIERIE“ која конкурираше со 1 106 040 600 денари, како и „ХИЛ ИНТЕРНАЦИОНАЛ“, со понуда од 1 533 721 722 денари, додаваат од ЈПДП.
Ова е втора постапка за избор на правен надзор и консултант за изградбата на автопатите што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Првата постапка беше поништена откако избраниот понудувач во предвидениот рок не ја обезбеди банкарската гаранција за навремено и квалитено извршување на договорот.
Со овој проект е предвидена изградба на автопатските делници Гостивар – Кичево, Тетово – Гостивар, Требениште – Струга – Ќафасан, како и Прилеп – Битола.
За изградбата на автопатите на Коридорот 8, во Буџетот за 2023 година се предвидени 244 милиони евра.
Владата минатата година потпиша меморандум со „Бехтел и Енка”, а Собранието донесе Закон за утврдување јавен интерес и негово номинирање за стратешки партнер за овој проект.