Според првичните информации од тимовите на Министерството, во повеќето градови како Струга, Радовиш, Штип, Кичево и други, граѓаните подигнале над 90 отсто од ваучерите
На првиот ден од доделувањето на ваучерите за купување инвертер-клими граѓаните до 15 часот подигнале над 80 отсто од предвидените 6 182 ваучери, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Во Скопје, пак, до 16 часот биле подигнати 1 400 ваучери или над 75 отсто од вкупниот број.
Од министерството велат дека и во останатите градови бројот на подигнати ваучери за купување на клими е на високо ниво.
„Според првичните информации од тимовите на Министерството, во повеќето градови како Струга, Радовиш, Штип, Кичево и други, граѓаните подигнале над 90 отсто од ваучерите, што е доказ за успешноста на овој начин на дистрибуција на ваучерите“,
се вели во соопштението од министерството.
Ваучерите за купување инвертер-клими во Скопје се доделуваа во спортскиот центар „Борис Трајковски“, во Битола во спортската сала „Боро Чурлески“, а во останатите градови тоа беше во во соработка со Агенцијата за вработување.
Граѓаните што имаат добиено ваучер, а денеска не успеале да го подигнат тоа ќе може да го направат до крајот на овој месец директно во Министерството.
Повикот од министерството упатен до граѓаните што добиле ваучери за клими денеска да дојдат на предвидените локации предизвика метеж и огромни редици пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Граѓаните, што беа дојдени уште рано утрото, со часови чекаа во долгите редици за да влезат и да ги потпишат договорите.
Во целиот метеж на еден повозрасен граѓанин му се слоши по што мораше да интервенира Брза помош.
Во „Борис Трајковски“ беше и министерката Сања Божиновска која даде образложение зошто наместо првичната најава, дека ваучерите ќе им бидат доставени на граѓани на домашна адреса, е променет начинот, па мора сами да ги подигнат. Во прашање е договор кој граѓаните треба да го потпишат дека им е доделен ваучерот, за да нема злоупотреби.
Во попладневото соопштение испратено од Министерството се вели дека иако на почетокот на денот била забележана зголемена посетеност на граѓани, доделувањето се одвивало непречено и во поголемиот дел од денот немало долги редици пред СЦ „Борис Трајковски“.
„Благодарение на внимателното планирање и целосната ангажираност на тимот на Министерството, процесот се одвива непречено и ефикасно, со што на граѓаните им се овозможи брзо и лесно подигнување на ваучерите“,
се додава во соопштението.
Климите мора да се купат до 30 ноември, а може да се инсталираат и по рокот. Потоа ваучерите не важат. Оние граѓани што денеска не успеаја да стигнат, можат да се обратат до крајот на ноември во просториите на Министерството за енергетика.
За овие ваучери граѓаните аплицираа во февруари. Проектот е на минатата влада на СДСМ и ДУИ во вредност од 4,1 милион евра. На повикот пристигнале вкупно 18 805 барања по двата јавни повика. На огласот кој не е за ранливи потрошувачи барања доставиле 14 500 баратели, а за огласот за ранливи потрошувачи 4 305 баратели.