Од страна на претставниците на ЕУ било потврдено задоволството дека двете страни се наоѓаат во нова квалитативна фаза од своите односи, а ја истакнале и подготвеноста за финансиска помош преку ИПА фондовите.
Шефот на дипломатијата, Бујар Османи на денешната средба со претставниците на работната група при Советот на ЕУ која е надлежна за земјите кои преговараат за пристапување и членство во ЕУ (КОЕЛА) ја истакнал решеноста на Владата „за спроведување на домашната реформска агенда во насока на поголема подготвеност и побрз напредок при преговарачкиот процес“.

„Министерот Османи ја истакна високата подготвеност на земјата за успешен и брз преговарачки процес, особено со оглед дека државата веќе долго време се усогласува со законодавството на ЕУ и има завидни 45 отсто усогласеност со законодавството на ЕУ уште пред стартот на преговорите, како и 100 отсто усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Подвлече дека 100 отсто усогласеност на земјата со ЕУ декларациите и рестриктивните мерки се доказ дека Северна Македонија е доверлив партнер на ЕУ во ова предизвикувачко геополитичко време и нестабилно опкружување“,
стои во соопштението од МНР.
За време на средбата, министерот Османи разменил видувања со претставниците на работната група во врска со новиот момент во односите на државата со ЕУ и преминувањето на Северна Македонија во преговарачката фаза, како и за подготвителните активности во пресрет на одржувањето на првите состаноци со ЕУ во рамките на скрининг процесот кој е предвидено да трае до ноември идната година.
„Ваквото стратешко и одлучно позиционирање има свој социо-економски импакт, особено врз енергетскиот сектор на земјата како и секаде ширум Европа и ќе биде многу важно ЕУ конкретно да манифестира вклучување на земјите од Западен Балкан во механизмите и мерките за надминување на последиците од војната во Украина”,
подвлекол Османи.
Од страна на претставниците на ЕУ било потврдено задоволството дека двете страни се наоѓаат во нова квалитативна фаза од своите односи, а ја истакнале и подготвеноста за финансиска помош преку ИПА фондовите.
Работната група за проширување и за земјите кои преговараат за пристапување во ЕУ е во дводневна посета на земјава на средби со државниот врв.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од заменикот на претседателот на Владата Бојан Маричиќ и од министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска се сретна со делегатите од 27-те земји членки на ЕУ во Работната група на Советот на ЕУ, предводена од Јавурек Леош и придружувани од амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.
Собранискиот спикер, Талата Џафери на средбата со работната група на ЕУ ги потенцирал долгите преговори и консултации околу преговарачката рамка кои резултираа со заклучоците што ги донесе Собранието, а со кои „Владата се задолжува во текот на преговорите доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на идентитетските, јазичните, културните и историски особености на македонскиот народ“.
Станува збор за прва работна посета на КОЕЛА на земјава, која доаѓа како резултат на отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија во јули.
Воедно, делегатите од КОЕЛА ќе разменат мислења и со претставници на граѓански организации.
Инаку, КОЕЛА е тело на Советот на ЕУ, составено од дипломати од сите земји членки на ЕУ, а е задолжено за процесот на проширување и односите со земјите кандидати кои преговараат за нивно пристапување во ЕУ.
Со работната група претседава ротирачкото претседателство на Советот на ЕУ, а во втората половина од 2022 година со телото претседава дипломат од Постојаната мисија на Чешката Република во ЕУ.
