Гувернерот на градот вели дека досега се избегнувало да се користи тешка механизација од страв дека зградата може дополнително да се урне

Гувернерот на Бангкок вели дека не се пронајдени знаци на живот под урнатините на висококатницата во главниот град, каде што се заробени повеќе од 70 луѓе, а кој се урна по земјотресот што во петокот го погоди Мјанмар, а беше почувствуван и во Тајланд.
Според него, спасувачите денеска се подготвуваат да копаат подлабоко, а подготвена е и тешка механизација.
Тој вели дека досега се избегнувало да се користи тешка механизација од страв дека зградата може дополнително да се урне. На почетокот на операцијата успеале да лоцираат неколку преживеани под урнатините, но во последните денови се извлечени само тела, вкупно 13 досега.
Гувернерот Чадчарта Ситипунт вели дека сегашната цел на операцијата е да се извлечат телата на загинатите.
Над 2 000 луѓе загинаа, а 3 400 беа повредени во земјотресот со јачина од 7,7 степени што во петокот беше регистриран како еден од најсилните во Мјанмар.
Земјотресот беше почувствуван и во Тајланд каде се урна облакодер.
„Сите воени и цивилни болници, како и здравствените работници, мора да работат заедно на координиран и ефикасен начин за да обезбедат ефективен медицински одговор“,
изјави лидерот на хунтата, генерал Мин Аунг Хлаинг, цитиран од државните медиуми.
Предвидувањата од Геолошкиот институт на САД проценуваат дека бројот на загинати во Мјанмар би можел да надмине 10 000, а загубите би можеле да го надминат годишното економско производство на земјата.
Земјотресот потресе делови од соседен Тајланд, каде што загинаа 17 луѓе во главниот град, каде што се урна облакодер, соопштија тајландските власти. Најмалку 78 луѓе останаа заробени под урнатините на урнатата зграда.
Вчера неколку згради во Бангкок беа евакуирани поради извештаи за вибрации и пукнатини, што се појавија како последица од земјотресот што го зафати Тајланд, пренесоа американските медиуми.
Ваквата состојба предизвикала паника кај жителите на Бангкок, а евакуирани се зградите на владиниот комплекс на патот Ченг Ватана, Министерството за труд во областа Дин Даенг и судските згради на патот Рачадаписек.
Најразорниот земјотрес што го погоди Мјанмар во последните 80 години ја оштети клучната инфраструктура, вклучувајќи го аеродромот, автопатите и мостовите и забавувајќи ги хуманитарните операции, соопштија Обединетите нации.
Се стравува дека десетици луѓе се заробени под урнати згради низ Мандалеј, но повеќето од жртвите не можат да се допрат или да се извлечат без тешка механизација, велат хуманитарните работници.
Болниците во делови од централниот и северозападниот дел на Мјанмар, вклучувајќи ги Мандалај и Сагаинг, се преполни со повредени луѓе, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања.
Индија, Кина и Тајланд се меѓу соседите кои испратија помошни материјали и тимови, заедно со помош и персонал од Малезија, Сингапур и Русија.