Уписите за учебната 2020/2021 година ќе траат до 30 јуни, откако роковите беа одложени за еден месец поради епидемијата со коронавирусот
Според Протоколот, треба да има пауза од најмалку 20 минути помеѓу термините за разговор на членовите на комисијата со секое дете
Почнуваат уписите во прво одделение во основните училишта во земјава.
Уписите за учебната 2020/2021 година ќе траат до 30 јуни, откако роковите беа одложени за еден месец поради епидемијата со коронавирусот. Наместо во мај, како што е утврдено во Законот за основно образование, оваа година уписите се во јуни. Родителите ќе имаат на располагање еден месец да ги запишат децата во основните училишта, а тие до 15 јули треба да ги објават резултатите.
Владата во петокот усвои Протокол за спроведување на уписот на првачињата со утврдени мерки за заштита од ковид-19.
Според Протоколот, уписот се спроведува во термин утврден од Комисија за запишување ученици формирана од директорот на училиштето. Треба да има пауза од најмалку 20 минути помеѓу термините за разговор на членовите на комисијата со секое дете. Во паузите се забранува групирање на присутните во училиштето.

На влезот од училиштата задолжително треба да има средство за дезинфекција на обувките и рацете, како и поставени едукативно-информативни материјали за почитување на заштитните превентивни мерки.
