Учениците во основно и во средно образование до 10 јуни нема да се вратат во училишните клупи, односно до крајот на учебната година ќе се реализира настава од далечина.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми апелираше до сите учесници во воспитно образовниот процес максимално да се ангажираат и да продолжат да ги извршуваат своите обврски и да се даде заеднички придонес за квалитетот на далечинското учење, да се издигне колку што е можно повеќе над оптималното ниво. На вчерашната владина седница донесени се сет образовни мерки за намалување на последиците од корона-кризата во овој сектор.
Се укинува државната матура, училишната матура и завршниот испит за оваа учебна 2019/2020 година за ученици од завршните години во средните училишта. Сите ќе добијат диплома за завршено средно образование со иста важност како и во претходните години.
Уписот на првачињата наместо во мај ќе почне во јуни. Списоците со запишани ученици училиштата ќе ги објават најдоцна до 15 јули, а сите оние кои не ги запишале своите деца и не ја исполниле законската обврска ќе добијат писмено потсетување.
На високообразовните установи на прв циклус академски стручни студии, како и на академски студии од областа на уметностите во академската 2020/2021 година ќе може да се запише лице кое положило државна матура или меѓународна матура заклучно со учебната 2018/2019 година, како и лице кое се стекнало со диплома за завршено средно образование во траење од четири години во учебната 2019/2020 година, соопшти вчера министерот за образование.
„Имено, ова значи дека покрај лицата со положена државна матура во некоја од изминатите години или меѓународна матура на факултет во земјава ќе можат да се запишат и сите лица кои се стекнале со диплома за завршено четиригодишно средно образование во оваа учебна година“,
рече Адеми.
Тој соопшти дека за континуирано обезбедување наставен кадар во насока на непречена реализација на далечинското учење, на сите наставници кои до денот на прогласување на вонредна состојба биле ангажирани со договори на определено, работниот однос им се продолжува до крајот на учебната година. Воедно ќе се обезбеди и соодветна замена за секое испразнето работно место на наставник.
Владата донела одлука и за продолжување на мандатите на раководителите и управителите во основните и средните училишта, доколку тие им истекуваат или се истечени за време на вонредната состојба.
„Мандатите ќе бидат со важност до 90 дена по престанокот на вонредната состојба“,
рече Адеми.
Уписите во средните и во основните училишта ќе се одвиваат според роковите, појасни министерот. Во наредните денови ќе бидат донесени уредби за да се конкретизира како ќе се одвиваат уписите, а можеби и ќе бидат подготвени и соодветни протоколи.