Со две средби денеска во Бугарија почнува со работа контакт групата предводена од Росен Плевнелиев и Соломон Паси, формирана на предлог на ГЕРБ-СДС. Нивна цел е да бараат допирни точки меѓу партиите застапени во Парламентот за приоритетните прашања за државата, да се формира владејачко мнозинство и влада.
Контакт групата за денеска покани на разговор претставници на ГЕРБ-СДС и на „Бугарски подем“. Претходно средба писмено одбија од „Продолжуваме со промената“ и од „БСП за Бугарија“.
„Гледаме дека има многу повеќе заеднички работи меѓу партиите отколку разлики, но недостига дијалог“, смета поранешниот министер за надворешни работи Соломон Паси, објави бугарската ТВ Нова.
Откако вчера Парламентот по 11 гласања го избра својот претседател Вежди Рашидов, претседателот Румен Радев најави дека следната недела ќе почнат консултациите за формирање влада. За Рашидов гласаа пратениците на ГЕРБ, ДПС, БСП и „Бугарски подем“.
Кристијан Вигенин од БСП, кој е еден од потпретседателите на парламентот, во изјава ТВ Нова нагласи дека „најверојатно нема да има владина коалиција во овој Парламент“. Според него, коментарите дека БСП ќе коалицира со другите партии кои ја поддржаа кандидатурата на Рашидов се со цел да се дискредитира левицата. Вигенин тврди и дека компромисот што го направила БСП вчера е само за да почне со работа Парламентот.