Денеска на околу 20 000 граѓани, кои имаат над 77 години, почнува имунизацијата со вакцината на „Астра Зенека“, која пристигна преку механизмот Ковакс.
Тие ќе ја примаат вакцината на пунктовите ширум земјата. Во Скопје граѓаните ќе се вакцинираат на три пункта во поликлиниките „Јане Сандански“, „Чаир“ и „Букурешт“. Денеска првите вакцини ќе ги примаат и граѓани во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и Кавадарци.
Од петок ќе започне вакцинацијата во Тетово, Струга, Неготино, Крива Паланка, Вевчани, Валандово, Ростуше, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Свети Николе, Ресен, Демир Хисар, Крушево, Македонска Каменица, Кратово, Кичево, Кочани, Радовиш, Виница, Пробиштип, Дебар, Пехчево и Македонски Брод.
Вакциналните пунктови низ државата ќе работат во две смени, ќе бидат отворени од 8 до 20 часот, од понеделник до петок.
Информацијата за терминот граѓаните ја добиваат од матичниот лекар.
Преку механизмот Ковакс во неделата пристигнаа 24 000 вакцини од „Астра Зенека“, од нив 4 000 првично беа најавени за вработените во критичната државна инфраструктура, како вработените во МВР и Армијата, новинари, вработени во судовите и обвинителствата, возачите на автобусите на ЈСП, пожарникарите, воспитувачките во градинките и вработените на патарините.
Меѓутоа, ова е неизвесно со оглед на синоќешната најава од министерот за здравство Венко Филипче, дека земјава ќе ги следи примерите на Канада и на Германија и нема да вакцинира лица помлади од 60 години со вакцината на „Астра Зенека“.
„Вечерва по двата извештаи на Канада и на Германија донесовме одлука дека ќе ги следиме нивните препораки и нема да вакцинираме со ’Астра Зенека‘ лица кои се помлади од 60 години. Ние, секако, утре почнуваме со вакцинација на повозрасни граѓани, на возраст над 77 години“,
рече Филипче.
Тој додаде дека дополнително ќе се обратат и до Европската медицинска агенција (ЕМА) за став во врска со вакцината на „Астра Зенека“ по одлуките на Канада и на Германија.