Во државава, со години наназад, не се случело кандидати без партиска поддршка да излезат на избори за пратеници. Како причина за тоа се посочува изборниот модел кој ги фаворизира големите политички блокови
Независните претенденти за пратеничка функција од утре, па во наредните десет дена, може да собираат потписи за кандидирање на претстојните избори. Паралелно, согласно роковникот на ДИК и со Изборниот законик, почнува и увидот во Избирачкиот список.
Во државава, со години наназад, не се случело независни кандидати да излезат на избори за пратеници, за што како една од причините се посочува изборниот модел со шест изборни единици кој ги фаворизира големите партии. Освен тоа, за една листа со дваесет кандидати за пратеници треба да се соберат минимум илјада потписи од конкретната изборна единица. Истата квота потписи важи и за поднесување кандидатура за пратеници во дијаспората. Затоа, учеството на независни кандидати на изборите, главно, е „резервирано“ за локални избори.
Новина предвидена со неодамнешните измени на Изборниот законик е што отсега потписи за поддршка на кандидатурите ќе може да се собираат и пред надлежен нотар, на образец што неодамна беше утврден на седница на ДИК. Подносителот на листата определува пред кои нотари ќе се собираат потписи и за тоа ја известува ДИК, која на својата интернет-страница објавува листа на нотари пред кои подносителите на листа собираат потписи. Секој избирач може да стави потпис може за повеќе листи на кандидати за пратеници.
Партиите имаат рок за листите до 12 март
Што се однесува до регистрираните партии и коалиции, тие имаат рок до 12 март на полноќ да ги поднесат кандидатските листи за пратеници во ДИК. Еден ден претходно завршува рокот за проверка на податоците од Избирачкиот список, за што јавниот увид почнува исто така утре.
Гласачите своите податоци во Избирачкиот список и досега можеа да ги проверат преку апликацијата на веб-страницата на ДИК и во канцелариите на Комисијата. Во претстојниот период од 15 дена граѓаните можат да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење податоци во Избирачкиот список.
Увид во избирачкиот список ќе им биде овозможен и на затворениците и лицата во притвор во казнено-поправните установи. Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во посебните изводи на Избирачкиот список, затворениците или притворениците го поднесуваат преку Управата за извршување санкции.
Ќе се гласа ли во дијаспората?
Утре почнува јавниот увид во Избирачкиот список и во дипломатско-конзуларните претставништва на земјава, за македонските државјани кои живеат или работат во странство. ДИК, преку МНР, ги доставува до ДКП и до конзуларните канцеларии посебните изводи од Избирачкиот список за лицата на привремена работа или престој во странство. Од денот на распишување на изборите до завршувањето на јавниот увид, македонските државјани кои се на привремена работа или престој во странство можат да достават пријава за гласање на претстојните избори.
ДИК, на 16 февруари, веднаш по распишувањето на изборите, упати јавен повик за пријава и увид во Избирачки список за гласање во странство за предвремените избори за пратеници на 12 април. Според податоците на ДИК, до вчера напладне биле пристигнати и обработени 627 пријави за гласање во ДКП. Најмногу од нив – 75 се од Венеција, 63 во Берн, 62 во Берлин и 45 во Минхен. Гласањето во дијаспората ќе се организира само доколку се пријават околу 7.000 гласачи.