Посебен режим ќе важи и на магистралниот пат А2 на делницата Скопје – Охрид – Скопје, каде до 1 септември ќе биде забрането движење на товарни возила потешки од 7,5 тони за време на викендите
Ваквиот режим се воведува за да се намалат сообраќајните метежи на патниот правец кон Охрид, да се олесни протокот на возила на наплатните рампи и да се обезбеди побезбедно и побрзо движење на туристите во текот на летната сезона
Од денеска до 31 август на државните патишта во земјава стапува во сила летниот времен режим на сообраќај, со кој се воведува забрана за движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони во одредени периоди за време на викендите и при екстремно високи температури.

Како што информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ), ограничувањето ќе важи во петок од 17 до 22 часот, во сабота од 9 до 18 часот и во недела од 9 до 22 часот.
Во деновите кога Министерството за здравство ќе прогласи екстремно високи температури, забраната ќе се применува и од понеделник до четврток во периодот од 11 до 17 часот.
Од ограничувањето се изземени возилата што превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материи, како и возила ангажирани на проекти за изградба и одржување на државните патишта.
Посебен режим ќе важи и на магистралниот пат А2 на делницата Скопје – Охрид – Скопје, каде што до 1 септември ќе биде забрането движење на товарни возила потешки од 7,5 тони за време на викендите.
Ограничувањето ќе се применува во петок од 15 до 22 часот, во сабота од 7 до 12 и од 18 до 24 часот, како и во недела од 7 до 22 часот.
И за оваа делница од ограничувањето се изземени возилата што превезуваат живи животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока.
Од АМСМ посочуваат дека ваквиот режим се воведува за да се намалат сообраќајните метежи на патниот правец кон Охрид, да се олесни протокот на возила на наплатните рампи и да се обезбеди побезбедно и побрзо движење на туристите во текот на летната сезона.
