Гувернерот на Херсон, Владимир Салдо инсталиран од Русија, рекол дека властите ги евакуираат цивилите на левиот брег на реката Днепар со цел „да бидат безбедни“ и да ѝ дозволат на војската „да дејствува одлучно“, бидејќи очекуваат контраофанзива од страна на украинската војска во регионот кој Москва неодамна го анектираше
Лидерот на окупираната украинска област Херсон, инсталиран од Москва по анексијата на регионот, утринава соопшти дека властите планираат да евакуираат околу 50-60 000 луѓе во следните шест дена, поради ескалација на притисокот од украинската контраофанзива, пренесува „Гардијан“.
Говорејќи преку онлајн врска, гувернерот на Херсон, Владимир Салдо инсталиран од Русија, рекол дека властите ги евакуираат цивилите на левиот брег на реката Днепар со цел „да бидат безбедни“ и да ѝ дозволат на војската „да дејствува одлучно“.
„Утрово возев низ регионалниот центар. Однадвор, ништо не сугерираше дека имал голем притисок. Но, кога пристигнав на речното пристаниште, видов дека чамците чекаат и веќе се натоварени со луѓе подготвени да одат до левиот брег на Днепар“,
рекол Салдо, додавајќи дека ситуацијата станува „се потензична“.
Тој, како што пренесува Ројтерс, рекол дека околу 10 000 луѓе дневно ќе се преселуваат во следните шест дена и дека некои региони во Русија се подготвуваат да ги примаат луѓе. Повеќе од 5 000 луѓе веќе го напуштија Керсон во последните два дена, додал тој.
Реката Днепар тече низ регионот Херсон. Градот Херсон е северно од реката, каде Русија контролира одредена територија. Сепак, најголемиот дел од регионот е јужно од Днепар, кој Русија во моментов целосно го окупира. Има ограничени премини, од кои еден е мостот Антоновски, кој беше честа цел на украинските напади.