„НАСА спејс апс челинџ“ е најголемиот хакатон во светот кој истовремено се одржува во дури 162 земји, а учесници се средношколци, студенти и млади претприемачи од целиот свет со познавања и интереси во најразлични области
Најдобрите решенија што ќе се креираат во 2022 година ќе се приспособат за да можат во иднина да бидат користени и од страна на македонските основни и средни училишта како едукативен материјал кој ќе има за цел да ја поттикне љубовта кон СТЕМ-дисциплините кај помладите генерации
Скопје викендов по 10 пат е домаќин на најголемиот хакатон во светот „НАСА спејс апс челинџ“ (NASA Space Apps Challenge) кој почнува денеска и ќе трае до 2 октомври. Хакатонот е можност за двајца учесници од победничкиот тим да го посетат „НАСА Кенеди спејс центарот“ во Флорида, САД, заедно со нивниот ментор.
Официјалното отворање е денеска од 12 до 14 часот во присуство на претставници од Амбасадата на САД. Предвидени се презентација на предизвиците кои ќе може да се изберат за време на хакатонот и бесплатна подготвителна работилница за поттикнување на работа во тим, решавање на проблеми и лидерство.
„Во земјава оваа година натпреварот ќе се одржи по јубилеен 10-ти пат. Традиционално го организира ‘Њуменс бизнис-акцелераторот’ и Фондацијата ‘Голдилокс’, во партнерство со Амбасадата на САД во Скопје и во соработка со домашни компании, ментори експерти од индустријата, професори и наставници. Досега на хакатонот учествуваа над 1 500 млади таленти меѓу 15 и 29 години, а големо е задоволството што во последниве неколку години дури 40 отсто се девојки. Три наши тима досега беа прогласени меѓу 40-те финалисти на натпреварот во глобална конкуренција од над 2 000 тима, што е многу значајно постигнување: Тимот ‘Делта’ во 2017 година, како и тимовите ‘Атом З’ и ‘Екселераторс’ во 2020 година“,
наведуваат организаторите.
Учеството на „НАСА спејс апс челинџ“, освен во живо, со лично присуство, може да биде и онлајн.
Утре и задутре, на 1 и 2 октомври од 9 до 22 ќе се одржува 48-часовното хакатон-натпреварување во решавање стем/спејс предизвици, а националното финале е на 4 октомври од 13:30 до 16:00.
Најдобрите решенија што ќе се креираат во 2022 година ќе се приспособат за да можат во иднина да бидат користени и од страна на македонските основни и средни училишта како едукативен материјал кој ќе има за цел да ја поттикне љубовта кон СТЕМ-дисциплините кај помладите генерации.
„НАСА спејс апс челинџ“ е најголемиот хакатон во светот кој истовремено се одржува во дури 162 земји, а учесници се средношколци, студенти и млади претприемачи од целиот свет со познавања и интереси во најразлични области. Се организира од 2012 година од страна на Американската агенција за вселенски истражувања НАСА, поконкретно од Директоратот за научни истражувања за Земјата во соработка со програмата на НАСА за апликативни научни истражувања и отворени иновации.
Во 2021 година 28 000 учесници креираа над 2 800 проекти решавајќи предизвици со кои се соочуваат Земјата и вселената, а се зададени како теми за натпреварување од страна на експерти на НАСА.
Целта на натпреварот е да поттикне кај младите интерес и љубов за иновирање и СТЕМ-технологии (науката, технологијата, инженерството и математика), а и да развие кај нив значајни вештини како што се решавање проблеми, работа во тим, креативност и мултидисциплинарен пристап. Посебен фокус на натпреварот е вклучување и на девојки, како и учесници од целата земја од различни етнички заедници и со најразлични претходни искуства и вештини.