Почна монтирањето на модуларната болница во Дебар, која ќе се протега на површина 240 квадратни метри и ќе работи како тријажен центар со соодветна лабораторија и други простории.
„Нам како локална власт обврска ни беше да го подготвиме теренот и да ја обезбедме потребната инфраструктура. Тоа подразбра дека на просторот каде се поставуваат монтажните објекти претходно е извршен земјен ископ, тампонирање и бетонирање на подлогата. Исто така, се постави водоводна и канализациска мрежа и се спроведоа приклучоци за електрично напојување“,
изјави Хекуран Дука, градоначалник на Дебар.
Дука посочи дека дополнителните објекти значително ќе го зголемат капацитетот на Инфективното одделение во Општата болница и ќе го олеснат справувањето со здравствената криза во поширокиот дебарски регион.
Во меѓувреме, посочи Дука, непречено фунционира ковид-центарот во Инфективното одделение, каде набргу ќе почне изградбата на централен систем за кислородна поддршка.
Моментно таму се хоспитализирани шест пациенти, сите се на кислородна поддршка, но во стабилна состојба.