Ахтисари беше претседател на Финска од 1994 до 2000 година. Во ноември 2005 година ја презеде функцијата специјален пратеник на Генералниот секретар на Обединетите нации за процесот на идниот статус на Косово. Врз основа на неговиот план во 2007 година беше прогласена независноста на Косово
На 87-годишна возраст денеска почина поранешниот претседател на Финска и специјален пратеник на Обединетите нации за Косово, Марти Ахтисари, соопшти финското претседателство.
„Длабоко сме во тага што ја примивме веста за смртта на претседателот Марти Ахтисари. Тој веруваше во луѓето, цивилизацијата и добрината и живееше одличен, извонреден живот. Тој беше претседател на времето на промените, кој ја воведе Финска во глобалната ера на ЕУ“,
соопшти актуелниот претседател на земјата, Саули Ниинисто, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Ахтисари беше претседател на Финска од 1994 до 2000 година.
Тој во ноември 2005 година ја презеде функцијата специјален пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации за процесот на идниот статус на Косово. Врз основа на неговиот план во 2007 година беше прогласена независноста на Косово.
Ахтисари ја доби Нобеловата награда за мир во 2008 година за, како што беше образложено, „неговите важни напори, на неколку континенти и повеќе од три децении, во решавањето на меѓународните конфликти“.
Документот, кој во јавноста е познат како „план на Ахтисари“, дава силни гаранции за српската заедница на Косово.
Планот на Ахтисари од 2007 година, во делот за правата на заедниците, наведува дека припадниците на немнозинските заедници имаат право да ја изразат, одржуваат и развиваат својата култура и да ги зачуваат суштинските елементи на нивниот идентитет, како што се религијата, јазикот, традицијата и културата.
Исто така, им се гарантира правото да се стекнат со образование на еден од официјалните јазици на Косово по нивен избор на сите нивоа.
Во документот, исто така, е наведено и правото да основаат и да управуваат со свои приватни образовни и обучувачки институции на кои може да им се додели јавна финансиска помош, во согласност со законот и меѓународните стандарди.