Автор е на голем број статии и студии од областа на театарот, а во 2009 година, во издание на „Магор” излезе од печат и неговата книга „Алтернативниот театар во Македонија”
Почина Љубиша Никодиновски – Биш, театарски актер и продуцент и еден од основачите и долгогодишен селектор на фестивалот Млад отворен театар (МОТ).
Никодиновски – Биш беше актер во театарот „Кај Свети Никита Голтарот” и во „Тетарската работилница ФФ (Зелена гуска)” како еден од нејзините основачи и како продуцент.
Се занимаваше и со театарска критика и есеистика. Автор е на голем број статии и студии од областа на театарот, а во 2009 година, во издание на „Магор” излезе од печат и неговата книга „Алтернативниот театар во Македонија”.
Љубиша Никодиновски – Биш имаше и повеќе раководни функции во областа на театарот. Работеше во „Македонскиот народен театар” како продуцент и раководител на театарот „Центар”, а во МКЦ беше помошник на директорот за драмската програма. Во 1976 година беше еден од основачите на фестивалот „Млад отворен театар”, а во 2010 година е прогласен за негов почесен претседател.
Тој е еден од основачите и генерален секретар и на Македонскиот центар на ИТИ-УНЕСКО итн.
Погребот на Биш ќе биде в петок од 9.00 часот на Градските гробишта Бутел во Скопје.