Бекенбауер се смета за најуспешниот германски фудбалер на сите времиња и еден од најдобрите играчи во историјата на фудбалот. Тој е единствениот човек што го освоил Светското првенство и како играч и како тренер
Германската фудбалска икона Франц Бекенбауер, кој се смета за еден од најголемите играчи во историјата на фудбалот, почина на 78-годишна возраст. Нарекувајќи го „еден од најдобрите играчи што овој спорт ги видел“, Германската фудбалска федерација објави дека Бекенбауер починал во неделата во Минхен.
Причината за смртта на германскиот репрезентативец и тренер засега не е откриена.

Бекенбауер се смета за најуспешниот германски фудбалер на сите времиња и еден од најдобрите играчи во историјата на фудбалот. Тој е единствениот човек што го освоил Светското првенство и како играч и како тренер. Во 1974 година ја доведе Германија до триумфот на Светското првенство како играч, а во 1990 година и како селектор на германската фудбалска репрезентација.
Како играч, беше дел од клубот Баерн Минхен од 1965 до 1977 година, освојувајќи четири титули во Бундеслигата и три пехари од Лигата на шампионите, а беше прогласен за најдобар играч во Европа во 1972 и 1976 година.
Последен професионален ангажман му беше функцијата претседател на Баерн Минхен, од 1994 до 2009 година.