Мицевски сведочеше во предметите „Меѓународен сојуз“ и „Талир“, а неговиот глас се слушна и во „бомбите“ на СДСМ
На 78-годишна возраст, почина бизнисменот Силјан Мицевски, поранешен градоначалник на Битола и почесен конзул на Република Србија во Битола.
Силјан Мицевски беше прв избран градоначалник на Битола, на непосредни избори што се одржаа во 1996 година, а во 2007 година со Одлука на Владата на Република Србија беше назначен за почесен конзул на Република Србија во Битола.
Професионалната кариера на Мицевски е втемелена воГП „Пелистер“ – Битола, која датира од 1968 година, бил ракометар, прв македонски меѓународен ракометен судија, и поддржувач на РК „Пелистер“, денес РК „Еурофарм Пелистер“.
Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои наградата „4 Ноември“ во 1979 година, наградата „Интернационална ѕвезда – златна категорија“ доделена во Париз 2003 г., престижното признание „Личност на Југоисточна Европа“ за 2016 година кое му беше врачено на Универзитетот „Хумболт“ во Берлин, а во 2016 година му беше доделено државното знаме на Република Србија.
Мицевски беше сведок во случајот со Меѓународниот сојуз на Боки 13, за кој кажа дека преку неговата фирма „Пелистер“ му дал околу 720 000 на „Меѓународен сојуз“ – Скопје за проекти за старски домови, но и во случајот „Талир“, за кој опиша како бил рекетиран од првите луѓе на тогашната владејачка партија откако ќе добиел тендер.
Мицевски, како сопственик на градежното претпријатие „Пелистер“ се спомена и во политичките „бомби“, односно аудиоснимките кои ги обелодени СДСМ. Во наводен разговор со Влатко Чингоски, поранешниот директор на ЕЛЕМ, Чингоски зборува за ливче со имиња на вработени кои не се сигурни за гласање, а Мицевски му одговара дека ако треба, сите ќе ги избрка, по што добива сугестија дека не треба да го прави тоа, туку да ги убеди луѓето да гласаат.
