Денеска, на 66 годишна возраст, почина Аки Рахимовски, долгогодишен фронтмен на групата„Парни ваљак“. Информацијата е објавена на фејсбук-страница на групата, а ја потврди и менаџерот на Рахимовски, Дамир Осредечки.
На Рахимовски утрово му се слошило, по што починал во болницата во Ново Место, изјави Осредечки. Пред три години, Рахимовски имаше мозочен удар.
Александар (Аки) Рахимовски е роден во Ниш, но за брзо време се преселил во Скопје. Неговиот татко бил музички професор со што на седум години тој започнал да учи во музичко училиште за клавир и пеење.
Како тинејџер бил член на неколку состави меѓу кои се групите „Вакуум”, „Крвна браќа” и “Тор” со кој настапил на фестивалот во Загреб во 1975 година. Во соработка со менаџерот Владимир Михаљек – Мих го формираат првиот состав на „Парни ваљак”. Со „Парни ваљак“ сними десетици албуми и одржа низа концерти на просторите на поранешна Југославија.