По вчерашниот напад на вооружена банда на претседателската резиденција во главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс, претседателот е убиен, а неговата сопруга е повредена. Меѓутоа, атентатот создаде политички вакуум, кој сега се заканува да ги продлабочи превирањата што ја мачат карипската земја со месеци
Атентатот врз претседателот на Хаити, Жовенел Моиз, ја втурна политички нестабилната и најсиромашна земја на западната хемисфера во нови превирања, со закана од влошување на состојбата со насилството, пишуваат светските медиуми и посочуваат дека кризата е дополнително компликувана од политичкиот вакуум и неизвесноста околу тоа кој ќе ја преземе власта, пишува Радио слободна Европа.
Нови политички превирања
Привремениот премиер на Хаити, Клод Жозеф, рече дека група напаѓачи влегле во резиденцијата на претседателот во еден часот по полноќ по локално време во средата на 7 јули, по што го убиле Моиз и ја раниле првата дама која била хоспитализирана.
Атентатот врз Моиз ја доведе нестабилната карипска земја во нови политички превирања, пишува „Волстрит џурнал“.
Најсиромашната земја на западната хемисфера е зафатена со насилни протести, економски пад предизвикан од пандемијата и безбедносни проблеми откако Моиз (53), кој на изборите во 2016 година победи со тесна разлика, одби да се повлече од функцијата во февруари тврдејќи дека неговиот мандат истекува за година.
Моиз, кој е поранешен управител на плантажи со банани, исто така, презеде чекори за промена на Уставот за да му се даде поголема моќ на претседателот. Меѓу другото, измените ќе му овозможат на претседателот да се кандидира за втор мандат и да има поголема контрола врз вооружените сили, како и правен имунитет за време на мандатот како шеф на државата.
Моиз го одложи референдумот за новиот устав, закажан за крајот на јуни, поради зголемените критики, вклучително и од САД. Референдумот е одложен за септември, за кога се закажани и нови претседателски избори.
Политички вакуум
Атентатот врз претседателот создаде политички вакуум, кој се заканува да ги продлабочи превирањата што ја мачат карипската земја со месеци, пишува „Њујорк тајмс“.
Додека владите на другите земји се обидуваа да ја проценат ситуацијата, милиони Хаиќани вознемирено ги следат вестите, обидувајќи се да откријат што може да се случи во наредните денови.
Жозеф за „Њујорк тајмс“ изјави дека тој во моментов ја води земјата, но, како што посочува весникот, не е јасно колку контрола има и колку време може да трае тоа. Новиот премиер требаше да го замени Жозеф оваа недела, а претседателот на највисокиот суд во земјата, кој исто така може да помогне во воспоставувањето на редот, почина од ковид-19 во јуни.
Во последните месеци демонстрантите на улиците бараа смена на Моиз, кој ја имаше власта и владееше со декрет повеќе од една година, истакнува „Њујорк тајмс“ и додава дека многумина, вклучително и уставни експерти, тврдат дека му истекол мандатот.
Покрај проблемот со зголемувањето на сиромаштијата и гладот, вооружените банди контролираат многу улици и дури започнаа да киднапираат деца и свештеници. Американскиот весник укажува на предупредувањето на експертите дека политичкиот вакуум по убиството на Моиз може да поттикне нов циклус на насилство.
Политичка криза и насилство на бандите
Атентатот се случи среде ескалација на политичката нестабилност, а Моиз се спротивстави на повиците на опозицијата да се повлече од позицијата шеф на државата, во време кога вооружени банди контролираат големи делови на карипската држава погодена од бранови киднапирања, силувања и убиства, пишува „Вашингтон пост“.
Весникот, исто така, истакнува дека кризата дополнително ја компликува и неизвесноста за тоа кој сега ја води земјата, бидејќи Жозеф требаше да се повлече откако Ариел Анри беше назначен за нов шеф на владата во понеделникот, откако се влоши ситуацијата со насилството на бандите и состојбата со коронавирусот.
Најмалку 15 лица загинаа во судирите на улиците на Порт-о-Пренс минатата недела, додека 278 Хаиќани беа убиени во насилство на улични банди оваа година, принудувајќи некои жители да го напуштат главниот град со брод и авион.
Активисти за човекови права ја обвинија владата на Моиз дека е поврзана со некои од уличните банди, додека критичарите го обвинија за обид за минирање на демократијата. Во јануари 2020 година Моиз го распушти парламентот на земјата и започна да владее со декрет.
Моиз доби петгодишен претседателски мандат во 2016 година, но спорот околу изборните резултати го одложи почетокот на неговото владеење за една година, поради што тој во февруари инсистираше да има уште една година на функцијата. Неговите противници не се согласија и во февруари, кога рекоа дека му завршил мандатот, прогласија судијана Врховниот суд за привремен претседател. Моиз го осуди овој потег како обид за државен удар, по што беа уапсени 23 негови противници.
Привремениот премиер Жозеф рече дека Моиз е убиен од напаѓачите, од кои некои зборувале шпански и англиски, иако во таа земја главно се зборува на креолски и француски јазик, што според „Вашингтон пост“ остава впечаток дека во операцијата учествувале странски платеници.
Природни катастрофи покрај политичките и економските кризи
Мандатот на Моиз беше обележан со масовни протести во врска со обвинувањата за корупција во владата и нејзиното поврзаност со уличните банди, иако тој постојано ја негираше вмешаноста, пишува „Фајненшл тајмс“.
Хаити претрпе неколку политички и економски кризи во последните неколку години, како и неколку природни катастрофи, посочува британскиот весник и наведува дека најсиромашната карипска земја сè уште се бори да закрепне од разорниот земјотрес од 2010 година и ураганот Метју во 2016 година.
Земјата е зафатена и со недостиг на храна и гориво, додека, како што пишува „Фајненшл тајмс“, зголеменото беззаконие ги исплаши инвеститорите и поголемиот дел од средната класа.
Минатата година „Транспаренси интернешнл“ го рангираше Хаити на 170-то место од 180 земји според Индексот на перцепција на корупција, а Светската банка соопшти дека скоро 60 проценти од населението живее во сиромаштија.
Група американски конгресмени му пишаа на државниот секретар Антони Блинкен во април, изразувајќи сериозна загриженост за влошената состојба на Хаити и наведоа дека владата на Моиз „не ги исполнува ниту најосновните потреби на своите граѓани“.