Нови 48 случаи на ковид-19 се регистрирани во земјава во последното деноноќие, соопштија од Министерството за здравство. Со тоа, бројот на дијагностицирани пациенти од коронавирусот во земјава се искачи на 711 лица.
По вчерашните 46 случаи, денешната статистика значи дека повторно расте бројот на новозаразени од ковид-19. Во претходните три дена од оваа недела, односно во понеделникот, вторникот и средата беа дијагностицирани помалку новозаболени од коронавирусот.
Бројките оваа недела, сепак, се далеку од 5 април, кога беше соопштено дека во претходните 24 часа се дијагностицирани 72 лица.

Освен што во изминативе 48 часа се забележува раст на новозаразени лица, споредено со првите денови од неделава, се зголемува и процентот на заболени од вкупниот број тестирани. Во првите денови од оваа работна недела, бројките беа значително поповолни, односно процентот на позитивни тестови се движеше од 5,1% до 7,5%. Вчера и денеска, како што покажува следната табела, бројките се слични со оние од минатата недела. Повторно, 5 април, останува како исклучок во анализираниот период.

На почетокот на неделава Владата воведе уште поригорозни мерки. Полицискиот час на територијата на цела држава е продолжен, па наместо од 21 часот, почнува од 16 часот. За викендите, пак, полицискиот час ќе биде во сила за време на цело деноноќие. Здравствените власти во неколку наврати најавија дека очекуваат епидемијата да го достигне својот врв во земјава во текот на април.