Покрај најавата за протестот, движењето „Кој е следен“, кое е иницијатор на протесниот марш, на социјалните мрежи ги објави и барањата до надлежните во врска со трагедијата во Кочани, но и со сите случаи низ годините кои резултираа со низа човечки жртви
За в понеделник, 24 март, во 18:59 часот на плоштадот „Македонија“ во Скопје се најавува протестен марш за одговорност и безбедност, во врска со трагедијата во Кочани, но и сите трагедии со човечки жртви низ годините.

Протестниот марш кој ќе се одржи под слоганот „Доста бевме ние, системот е следен“ е на иницијатива на граѓанското движење „Кој е следен“ кое се формира по смртта на младата Фросина Кулакова која беше прегазена во сообраќајна несреќа на 29 јануари годинава. Движењето „Кој е следен“ организираше низа протести барајќи правда за Фросина, а го иницира и последниот масовен собир во Скопје на 18 март на кој се оддаде последна почит за 59-те жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„До недела ќе молчиме. Но, од понеделник, тишината завршува. Од понеделник, се гледаме на улиците – гласни, бескомпромисни и обединети. За да нема заборав и да нема повеќе загубени животи поради небезбедност и неодговорност!“,
стои во најавата на движењето „Кој е следен“ за протестот во понеделник.
Покрај најавата за протестот, движењето „Кој е следен“ на социјалните мрежи ги објави и барањата до надлежните во врска со трагедијата во Кочани, но и со сите случаи низ годините кои резултираа со низа човечки жртви.
Граѓанското движење бара од институциите јавно и транспарентно да се објави целата документација поврзана со работењето на кочанската дискотека ,,Пулс” од нејзиното отворање до денот на несреќата на 16 март, од следните институции – Државен пазарен инспекторат, Министерство за економија, Државен градежен инспекторат, Министерство за внатрешни работи, Државен инспекторат за урбанизам, локална самоуправа во Кочани, локален градежен инспекторат во Кочани, Дирекција за заштита и спасување и Управа за јавни приходи.
Понатаму, се бара дисциплинска, кривична и/или политичка одговорност од сите инситуции кај кои ќе се утврди пропуст во работењето поврзано со трагедијата во Кочани, но и соодветна одговорност за сите инволвирани со изгорената модуларна болница во Тетово, случајот „Онкологија“ и несреќите со „Дурмо турс“ и „Беса транс“.
Се бара и Комората на угостители да започне да работи на подобрување на услугите и условите на работење на угостителските објекти, а не само за дерегулација и финансиска помош од државата.
„Без исполнување на овие барања, Македонија нема како да почне да се лекува. Луѓето заслужуваат одговори. Сите ние заслужуваме правда. Мораме да излеземе на улица сѐ додека целата вистина не е изнесена на виделина. Бидејќи системот по безброј кој пат ја изигра довербата на народот, разрешницата од овој случај мора да биде под окото на јавноста. Народот не смее да биде повторно изманипулиран“,
наведуваат од движењето „Кој е следен“.