Во писмените одговори, на прашањето на „360 степени“, од амбасадите на двете земји велат дека ставовите на нивните влади се јасни и оти сметаат дека Северна Македонија треба да ги почне пристапните преговори
Франција и Холандија велат дека остануваат на ставот оти Северна Македонија треба да ги почне преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ). Ова е дел од одговорот од амбасадите на двете земји во Скопје, на прашање на „360 степени“, откако вчера Ројтерс, повикувајќи се на дипломатски извори, објави дека ЕУ, во пресрет на Самитот со балканските држави во Словенија, не може да се усогласи за да ја потврди гаранцијата за членство на земјите од Западен Балкан. Притоа, се апострофирани три држави како највоздржани.
„Земјите членки на ЕУ не ги откриваат своите позиции, но богатите северни држави како Данска, Франција и Холандија се плашат од повторување на избрзаното пристапување на Романија и Бугарија и 2007 г. и лошото менаџирање на миграцијата на работници од Источна Европа во Велика Британија што доведе до тоа многумина Британци да се свртат против ЕУ“,
напиша, меѓу другото, Ројтерс.
„360 степени“ упати исто прашање до амбасадите на Франција и на Холандија во Скопје и на Данска во Белград (од каде што се покрива Северна Македонија):
„Во текст објавен од Ројтерс, насловен: ’ЕУ не може да се усогласи за да гарантира членство на балканските земји’, споменати се Данска, Франција и Холандија како земји членки кои се противат на повторување на ветувањата дадени на земјите од Западен Балкан во Солун во 2003 година. Дали можете да потврдите дека тоа е ставот на вашата влада?“
Холандија: Северна Македонија е подготвена за преговори
Од холандската амбасада одговорија дека Холандија е посветена на ЕУ-перспективата на сите држави од Западен Балкан.
„Нашата позиција останува непроменета: Северна Македонија и Албанија остварија добар напредок во изминатите неколку години и се подготвени за почеток на пристапните преговори. Првите меѓувладини конференции за двете држави можат да се одржат по усвојување на преговарачката рамка. Холандија останува строг, правичен и ангажиран партнер на Северна Македонија и ќе продолжи да го поддржува реформскиот процес за да помогне во подобрувањето на состојбата со владеењето на правото, борбата против корупцијата и човековите права“,
пишува во одговорот на холандската амбасада пратен до „360 степени“.
Франција: Претседателот Макрон јасно кажа дека С Македонија треба да влезе во ЕУ
Одговорот од Амбасадата на Франција упатува на изјавата на претседателот Емануел Макрон пред средбата со премиерот Зоран Заев во јуни годинава.
„Во врска со вашето прашање, амбасадорот Бомгартнер посочува дека ставот на Франција беше кажан од Претседателот Емануел Макрон на 10 јуни во Париз, на средбата со Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, господинот Зоран Заев“,
пишува во одговорот од француската амбасада.
Тогаш Макрон изјави дека Северна Македонија треба да ги почне преговорите за членство без одложување и да стане членка на ЕУ.
„Северна Македонија треба да влезе во ЕУ и знаете дека Франција целосно ве поддржува на тој пат. Понекогаш, можеби, сте мислеле дека сме тежок партнер кој многу бара, но јас сакам да бидам искрен партнер и кога се обврзуваме на еден пат, треба да бидеме јасни до каде сакаме да стигнеме и не сакаме да ја оставиме земјата 5-10 години на пат кој потоа ќе и се чини невозможен. Активно го поддржувам изнаоѓањето компромис со Бугарија. Во однос на важните реформи кои беа спроведени под ваше водство од 2017 година, вашата земја заслужува, без чекање, да ги почне преговорите за членство“,
изјави претседателот Макрон на 10 јуни пред средбата со премиерот Заев.
Од Амбасадата на Данска во Белград до овој момент не добивме одговор на нашето прашање.
Прашањето за процесот на проширување се проблематизра во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан кој идната седмица, на 6 октомври, ќе се одржи во Словенија која е актуелен претседавач со Советот на ЕУ.
Според Ројтерс, на ЕУ планирала на собирот да ја повтори недвосмислената поддршка за европска перспектива на земјите од Западен Балкан, но меѓу земјите членки сè уште не е постигната согласност за оваа формулација.