Предводникот на бугарската комисија за историски прашања вели дека комисијата разговара за историските настани и личности, а македонскиот јазик кој е дел од меморандумот на Бугарија испратен до земјите членки на ЕУ, е прашање со кое треба да се занимаваат лингвистите
По 11-месечна пауза македонско-бугарската комисија за историски прашања меѓу двете земји ќе одржи нова рунда разговори. По вчерашните средби на шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, со бугарскиот владин врв, македонската комисија за историски прашања за Сител вели дека не коментира политички изјави и дека се подготвени за разговори со своите бугарски колеги кои следниот четврток пристигнуваат во Скопје.
Шефот на бугарската комисија за историски прашања, пак, за Сител вели дека вчерашната посета на Османи е порака дека разговорите треба да продолжат со посмирен тон, но по долгата пауза смета дека тешко ќе биде да се постигне компромис за спорните прашања како она за Гоце Делчев.
„По повеќе од 10 месеци ова ќе биде првата работна средба. Но, јас не знам дали до 10 декември можеме да имаме уште една средба. Во секој случај во една, или пак две средби, решавањето на сите спорни прашања, практично, е навистина тешко, освен ако не видиме подготвеност од колегите за да почнеме да работиме на начин кој е многу поразличен од досегашниот“,
вели предводникот на бугарксата комисија за историски прашања, Ангел Димитров.
Димитров вели дека историската комисија разговара за историските настани и личности, а македонскиот јазик кој е дел од меморандумот на Бугарија испратен до земјите членки на ЕУ, е прашање со кое треба да се занимаваат лингвистите.
„Ние навистина не се занимаваме со јазикот. Уште од почетокот многу јасно кажавме – ако почнеме дискусија за јазикот уште на почетокот ќе ја завршиме работата, пред да ја почнеме. Но, право на лингвистите е да разговараат сериозно и да најдат навистина најточна формулација и најточно објаснување на тоа што сега може да изгледа како јазичен проблем“,
вели Димитров за Сител.
По средбите во Софија, шефот на македонската дипломатијата порача дека ова е историски важен момент за двете држави и дека следните недели се клучни за поинтензивна комуникација со цел да се покаже политичка посветеност кон имплементирање на обврските од Договорот за добрососедство.
Бујар Османи вели дека успехот нема алтернатива затоа што ова е историски важен момент за двете држави. Во интервју за „360 степени“ по средбите со бугарскиот премиер Бојко Борисов и колешката Екатерина Захариева тој одговара на прашањето дали е оптимист дека Бугарија нема да ја блокира Северна Македонија за ЕУ.