Ова денеска го најави министерот за здравство Фатмир Меџити и додаде дека отсега натаму веќе нема да има сомненија за ниту еден случај и дека сè ќе биде решено до крај
Државниот санитарен и здравствен иснпекторат (ДСЗИ) ќе изврши вонреден инспекциски надзор во прилепската болница во врска со случајот со новороденчето кое, родено пред десетина дена во болницата во Прилеп, почина од сепса на Детската клиника во Скопје.

Ова денеска го најави министерот за здравство Фатмир Меџити и додаде дека отсега натаму веќе нема да има сомненија за ниту еден случај и дека сè ќе биде решено до крај, како што треба.
Веста за смртта на новороденчето одекна откако мајката на починатото бебе проговори за случајот на своите социјални мрежи. Рече дека родила здраво машко дете на 27 октомври, а два дена по пораѓајот лекарите во прилепската болница ѝ кажале дека новороденчето треба да се зрачи поради жолтица. Детето било препратено на лекување на Детската клиника во Скопје со објаснување дека таму има подобра опрема за лекување на жолтица.
Во објавата на социјалните мрежи, мајката на починатото дете ја обвинува прилепската болница за негрижа и лоша хигиена во родилиштето.
Ексдиректорката на Клиниката за детски болести, доктор Аспазија Софијанова, за дел од медиумите денеска изјави дека рана инфекција или сепса кај новороденче најчесто настанува или поради интерхоспитални бактерии или поради инфекција која евентуално би ја имала мајката. Но, тоа допрва треба да се испита.
