Со измените на Законот за Судски совет, заклучиле тројцата соговорници, треба да се надминат сите слабости на актуелните законски решенија кои создадоа проблеми во праксата и оставија простор за различни интерпретации

По последните случувањата во Судскиот совет и контроверзиите кои ги следеа, едно од решенијата за подобрување на состојбите се итни законски измени.
Ова е еден од заклучоците на средбата што денеска ја одржаа министерот за правда Кренар Лога, претседателката на Врховниот суд Беса Адеми и академик Владо Камбовски кој е претседател на работната група за подготовка на новата Стратегија за реформи во правосудниот сектор.

Од Министерството за правда преку соопштенија наведоа дека тројцата заклучиле оти настаните во Судскиот совет се во спротивност со заложбите за независноста и угледот на судството, како и со препораките во извештаите на ЕУ и Стејт департментот.
Итни законски измени, додаваат, е едно од решенијата.

„Едно од решенијата за подобрување на состојбите во Судскиот совет е итно донесување на измени на Законот за Судскиот совет во согласност со Стратегијата за реформи на правосудниот сектор. Законските измени треба да се во насока на унапредување на независноста, стручноста и функционалноста на Судскиот совет како орган за судството кој треба ја обезбеди и гарантира самостојноста и независноста на судската власт. Со измените треба да се надминат сите слабости на законското решение кои создадоа проблеми во практичната примена и оставија простор за различни интерпретации. Во рамките на работната група за подготовка на новата Стратегија и претходно беше нагласена потребата од итни законски измени и воедно беше укажано на проблемите кои се генерираат во применувањето на законот“,
заклучиле на средбата, соопшти Министерството за правда по средбата одржава во Врховниот суд.
Контроверзиите околу постапките на Судскиот совет се во фокусот на јавноста веќе десетина дена. Првично, доскорешната претседателка Весна Дамева на 26 април годинава беше разрешена со седум гласа „за“, а по иницијатива на нејзиниот заменик Селим Адеми. Постапка за разрешување на претседател не е предвидено ниту со Законот за Судски совет ниту со Деловникот за работа, а начинот на кој се случи нејзиното отстранување на функцијата предизвика низа реакции кај стручната јавноста.
Вчера, „излезот“ од ќорсокакот во кој се најде, Советот го пронајде преку одржување на две тајни седници – во 13:30 и во 14 часот. На првата изгласал да ја повлече првичната одлука за разрешување на Дамева. Потоа, на втората ѝ изгласал недоверба со девет гласа и ја разрешил. Одлуките за одржување нејавни седници од Судскиот совет преку соопштение ги оправдаа со одредба од законот која предвидува дека јавноста може да биде исклучена заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судијата. Но, на двете нејавни седници денеска воопшто не се расправало за судија или кандидат за судија.
Потоа, во 16:30 се одржа продолжение на седницата првично закажана за 27 април за избор на нов претседател. Со осум „за“ што е минималниот број потребни гласови, Сашко Георгиев, беше избран за нов претседател. Седницата за избор беше јавна, но се одржа надвор од работното време, а Судскиот совет за неа информираше непосредно пред почетокот.